aleksandar-makedonski-spomenik

10.06.2024 Скопје

Вечерта на 10 спроти 11 јуни во 323-та година, во древен Ввилов, во 33 година од животот , од досега непознати причини умира Александар Македонски. Неговиот гроб е вечна мистерија за археолозите и историчарите.

Александар III Македонски бил македонски цар од династијата Аргеади. На возраст од 16 години веќе учествува во воените походи на неговиот татко Филип II. Две години по славната битка кај Херонеја, откако е зацврстена македонската власт во грчките градови полиси, умира Филип II.

Александар застанува на чело на македонското царство, и освојувајќи ја речиси целата територија која догаш била позната, тој изведува еден од најголемите воени походи во историјата. Покрај неговиот освојувачки дух, Александар Велики во историјата е препознаен и како еден од најголемите градители. Во времето на неговото владеење, покрај освоените градови од Македонија до Индија, се проценува дека има изградено околу 70 градови.

По неговата смрт, настанале превирања за престолот на империјата по што избувнуваат и внатрешни војни. Подоцна македонската империја е поделена на три држави и династии: Птоломејската династија во Египет, Антигонидската династија во Македонија и Селевкидската династија на Блискиот Исток.

Неговиот гроб останува непознат. Се смета дека телото му било однесено во Александарија, па дури постојат и некои гравури за тоа како Цезар, кога му се поклонувал, од невнимание му го откинал носот. Според една теорија, остатоците од телото на Александар и денес се наоѓаат во египетскиот град, но во просторија која од три страни е непристапна, а од четвртата е заградена со ѕид од џамија поради што до неа не може да се пријде.

Пред десетина години македонскиот археолог и тогашен директор на Управата за културно наследство, Паско Кузман, искажа можност Александар да е закопан на Пеонските гробишта близу до Марвинци.

Македонскиот истражувач на античкиот период, Паскал Камбуровски, по потекло од Егејска Македонија, протеран во Полска, па потоа преселен во Скопје, инаку автор на две книги за Александар и неговиот гроб, односно за мајка му Олимпија, е сигурен дека гробот на војсководецот се наоѓа на тие гробишта, па дури тврди и дека го знае местото каде треба да се ископува. Тоа е влезот во брдото крај базиликата на гробиштата, што, според него е сосема природно и логично место за погреб на царот.

Според Камбуровски, откако погребната поворка со телото на Александар тргнала кон Александрија, стигнала наредба од неговата мајка Олимпија телото да биде однесено во Пела и таму да биде погребано. За таа цел била направена уште една кочија и уште еден ковчег, со тоа што лажната поворка продолжила кон Александрија, а вистинската кон Македонија.

Но, токму тогаш Пела била опколена од противниците на Александар, па според Камбуровски, телото морало да биде погребано во најблиското место до Пела, каде подоцна, се надевала Олимпија, ќе може да биде крунисан синот на Александар, односно неговиот наследник. Има две такви прифатливи места за погреб на Александар, а кои се блиску до Пела – едното е Хераклеа, а другото се Пеонските гробишта. Според Камбуровски, Херакела како можност отпаднала, па Александар бил закопан крај Марвинци. Влезот во брдото, каде според него е закопан војсководецот, е обложен со некакви тули во подоцнежното римско време и затрупан со камења и земја.

Подготвено од М.Д.

About Author