mickovski-pres-6

13.06.2024 Скопје

Додека се договараат директорските позиции, мандатарот Мицкоски најавува кратење на институции  и позиции во администрацијата. Дел од работите ќе се случат во првите 100 дена од функционирањето на новата Влада. Не откри  точни кои институции ќе згаснат.  Но, она што се знае е дека во здравството повеќе нема  да има економски директори. Ќе се намали и бројката на пратеници, а ќе се укине и позицијата заменик.

„Идната Влада нема да има повеќе економски директори во здравствените установи низ земјава. Исто така, ќе почне и процесот со кои ќе има 100 функционери помала администрацијата. Исто така, веднаш со формирањето на Владата ќе се прави и еден Клинички центар што значи уште 50 функционери помалку. При формирањето на управните одбори има согласност таа бројка да биде за 20 проценти намалена. Следен чекор е укинување на позицијата онаму каде што постои заменик и нормално уште еден чекор, намалување на пратениците од 120 до 90, но за топа ќе треба да се отвори уставот“, вели Христијан Мицковски.

И во  предизборната програма на ВМРО-ДПМНЕ, пишува дека ќе се разгледува можноста за укинување на позицијата заменик – директор. Во описот стои дека со тоа ќе се зголеми ефикасноста на работата во институциите, а ќе се намалат и непродуктивните трошења.

Пишува и дека за 10 отсто ќе има помалку  јавни институции.

„Дозволете да ве изненадиме пријатно да не бидат 10 проценти, да бидат повеќе“, додава Мицковски.

Паралелно за само неколку дена се предложи и се изгласа закон со кој ќе се воведат нови, но и ќе се направи реорганизација на дел од постоечките министерства.

Но, останува да се види дали со згаснувањето на некои позиции и институции од една, а со формирањето на новите министерства од друга страна,  бројката на вработени во јавниот сектор ќе се намали нешто за што со години се зборува или пак ќе порасне.

Подготвено од М.Д.

About Author