MARIHUANA

17.06.2024 Скопје

Американската сојузна држава Мериленд ќе поништи 175.000 пресуди за употреба на марихуана издадени во изминатите децении, објави вчера нејзиниот гувернер Вес Мур.

Со потпишувањето на овој декрет за помилување денес, имам намера да исправам голем број историски неправди, рече Мур, демократ и прв црн гувернер на Мериленд, за американските медиуми.

Од криминалните досиеја на повеќе од 100.000 луѓе ќе исчезнат пресудите за поседување или пушење дрога, која сега е легална во земјата и широко се консумира.

Мериленд, држава со шест милиони жители на источниот брег на Соединетите Држави, ја легализираше рекреативната употреба на марихуаната и нејзината продажба на мало на референдум во 2023 година.

„На многу луѓе, од кои повеќето се од етничките малцинства, сè уште им се оневозможува работа, домување или пристап до образование поради претходни пресуди за поседување канабис“, нагласи Мур.

Како што истакна државниот обвинител на Мериленд, Ентони Браун, помилувањето се однесува на сите осудени за поседување марихуана, но и „несразмерно влијае – на добар начин“ врз црнечката популација.

Црнците, според Вашингтон пост, претставуваат 33 отсто од населението на оваа сојузна држава, но и 70 отсто од мажите кои се затворени, а како што предупредува Американската унија за граѓански слободи, еден црнец имал три пати поголема веројатност да биде уапсен поради поседување марихуана отколку белец.

Подготвено од М.Д.

About Author