MAKRON

11.06.2024 Скопје

Претседателот на Франција Емануел Макрон распиша вонредни парламентарни избори по големата победа на Националниот собир на десничарската ривалка Марин ле Пен на изборите за Европскиот парламент. Изборите ќе се одржат на крајот на овој месец.

Партијата од крајната десница освои двојно повеќе мандати во споредба со владејачката партија Ренесанса. Најавувајќи го распуштањето на парламентот, кажа дека двата круга на изборите ќе се одржат на 30 јуни и 7 јули, неколку недели пред Олимписките игри во Париз.

Макрон ја донесе драматичната, изненадувачка одлука во телевизиското обраќање од Елисејската палата еден час по затворањето на гласачките места и прогласувањето на резултатите од излезните анкети на изборите за ЕП.

Неговата одлука следеше набрзо откако 28-годишниот лидер на Националниот собир Жордан Бардела отворено го повика претседателот да распише парламентарни избори.

„Ја слушнав вашата порака“, им порача Макрон на француските гласачи. „И нема да дозволам да мине без одговор“.

„На Франција ѝ треба јасно мнозинство во мир и хармонија“, кажа тој и додаде дека не може да се помири со напредокот на крајната десница „секаде на континентот“.

По едвај две години од својот втор претседателски мандат, на Макрон веќе му недостига мнозинство во францускиот парламент. Иако европските избори теоретски немаат влијание на националната политика, јасно одлучи дека продолжување на неговиот мандат без нови избори би предизвикал преголемо оптоварување на системот.

Претстојните парламентарни избори нема да влијаат на функцијата на Макрон бидејќи се одвоени од парламентарните избори, а неговиот претседателски мандат трае уште три години.

Марин ле Пен, која Макрон два пати ја порази на претседателските избори, веднаш реагираше порачувајќи дека нејзината партија е „спремна да ја преземе власта, спремна да стави крај на масовната имиграција“.

Распишувањето предвремени избори е големо изненадување за земјата, но претставува и огромен ризик за Макрон. Тој не мораше така да реагира.

Можеше да продолжи по старо објаснувајќи ја големата победа на крајната десница како европска посебност, која ќе биде поправена на поважните избори.

Можеше да се стрпи до претстојното Европско фудбалско првенство во Германија, но и до Олимписките игри во Париз, кои на неколку месеци луѓето ќе ги одвратат од политиката.

Се истакнува дека француските политички аналитичари прогнозирале дека токму така Макрон ќе се соочи со изборната катастрофа на својата партија. Но може да се претпостави дека претседателот го предвидел тоа и дека го испланирал одговорот.

Анкетите точно ги предвиделе резултатите од изборите па Макрон имал доволно време за разгледување на своите опции. Факт е дека е заглавен. Без мнозинство во парламентот, протуркувањето на кој било закон во Народното собрание е борба.

Бидејќи поголемиот дел од земјата сега е против него, секој нов закон, како на пример претстојниот буџет, би можел да биде проблематичен. И затоа Макрон инсистира на „јасност“ – ако Националниот собир ја има поддршката, тогаш, смета тој, треба да им се даде шанса да владеат.

Очигледно Макрон се надева дека неговата партија ќе може да го возврати ударот на изборите и дека и другите партии ќе поминат подобро. Но мора да се види дека сè оди во прилог на уште една победа на крајната десница.

Можеби не така импресивна како оваа, но доволна за да станат најголема партија во парламентот. Во случај Французите би можеле да ја добијат Марин ле Пен за премиерка.

Подготвено од М.Д.

About Author