14.06.2024 Скопје
Во издание на „Матица македонска“ од Скопје излезе од печат книгата „Слова за македонскиот непокор“ од академик Љупчо Коцарев, во која се застапени шеесет и девет есеи објавени, во периодот од 2021 до 2023 година, во кои авторот пишува за македонските национални премрежиња.
Како и во претходната негова книга „За македонските работи“, која предизвика голем интерес кај македонските читатели, Коцарев е конзистентен, аналитичен и ги поставува прашањата: „ Што понатаму?“ и „Кои се нашите предизвици?“, што зборува, од една страна, за неговата загриженост поврзана со повеќедецениската криза во Република Северна Македонија и, од друга страна, за неговиот обид за изнаоѓање решенија за излез од кризата и за опстојбата на Република Северна Македонија. По изречените слова и понудените решенија, тој е песимист во поглед на изнаоѓањето сили за спас на државата од разнебитувањето? Токму затоа повикува на обединување и да се здружиме во борбата против корупцијата, дивеењето, алчноста, нечесноста, сервилноста на сите владејачки гарнитури: леви, десни, шарени, еднобојни, во центарот, на периферијата, соопштуваат од „Матица македонска“.
Љупчо Коцарев (1955, Скопје) е поранешен претседател на Македонската академија на науките и уметностите (јануари 2020 – декември 2023). Работел на универзитетите: УКИМ во Скопје, на универзитетот Калифорнија во Беркли и универзитетот Калифорнија во Сан Диего.
Автор е на над 200 научни трудови објавени во педесет водечки светски списанија со фактор на влијание во природно-математичките науки, техничко-технолошките науки, општествените науки и во хуманистичките науки. Тој е дел од водечките два проценти светски научници од сите научни области на сите времиња, согласно тимот на Универзитетот Станфорд во САД (од 2020 година до денес).
Добитник е на државната награда „11 Октомври“ за животно дело во областа на науката. Академик Коцарев е изумител на шест патенти, одобрени и патентирани во Америка и во Европа. Неговите истражувања се финансирани од повеќе научни агенции во Америка (NSF, AFOSR, DoE, NIH, ONR), Европската Унија (TEMPUS, FP6, FP7, Horizon 2020), Германија (DAAD, DFG), Кина (Кинеска академија на науките) како и од индустријата (STMicroelectronics).
Подготвено од М.Д.