04.06.2024 Скопје
Кинеската лунарна сонда Чанге-6 успешно полета од површината на Месечината од каде собра примероци за кои научниците очекуваат дека ќе помогнат да се одговори на клучни прашања за раната еволуција на Сончевиот систем, објави кинеската вселенска агенција.
Тоа е нова фаза во амбициозната вселенска програма на Кина, која сака да испрати мисија со екипаж на Месечината до 2030 година.
Чанге-6, именувана по митската кинеска божица на Месечината, беше лансирана на 3 мај од јужната кинеска островска провинција Хаинан, а целосно роботизираната сонда слета на досега неистражена локација во огромниот кратер кој се вика басен на Јужниот пол – Аиткен на далечната страна на Месечината.
„Кинескиот модул на сондата Чанге-6 полета од површината на Месечината во вторникот наутро, носејќи примероци собрани на спротивната страна на Месечината, што е невиден подвиг во историјата на човечкото истражување на Месечината“, објави вселенска агенција.
„Мисијата го издржа тестот на високите температури на темната страна на Месечината. По успешното собирање примероци, кинеското знаме за прв пат беше поставено на спротивната страна на Месечината“.
Научниците веруваат дека темната страна на Месечината, ретко истражена област наречена така затоа што е невидлива од Земјата, а не затоа што никогаш не ги фаќа сончевите зраци, многу ветува во истражувањата бидејќи нејзините кратери се помалку покриени со стари текови на лава од оние на видливата страна.
Примероците земени од другата страна би можеле да ни помогнат да дознаеме повеќе за формирањето и историјата на природниот сателит на Земјата. Тие, исто така, ќе овозможат подобро разбирање за „потеклото на Сончевиот систем“ и подобра подготовка за идните истражувања, рече портпаролот на мисијата Чанге-6, Ге Пинг.
Примероците би требало да останат во орбитата на Месечината уште неколку недели, а потоа да почнат да се враќаат на Земјата, каде би требало да слетаат околу 25 јуни. Кина се надева дека ќе ја лансира својата прва мисија со екипаж на Месечината до 2030 година. Исто така планира да изгради лунарна база.
Подготвено од М.Д.