03.06.2024 Скопје
Кина обвини дека британската служба за надворешно разузнавање МИ6 регрутирала двајца службеници на неименувани кинески државни агенции за да шпионираат за британската Влада, објавија британските меидуми.
Според кинеското Министерство за државна безбедност, во моментов се води дополнителна истрага за случајот со двајцата наводни шпиони, кои се брачна двојка.
Кина и Велика Британија со месеци наназад си разменуваат обвинувања за шпионажа што ја загрозува нивната национална безбедност.
Кина во јануари откри скандал со шпионирање во кој МИ6 наводно користела странски државјанин во Кина за да собираат доверливи информации.
Во Велика Британија, пак, во април, две лица беа обвинети за давање чувствителни информации на Кина, а минатиот месец три лица беа обвинети за помагање на надворешното разузнавање на Хонг Конг во Обединетото кралство.
Во соопштението на кинеското Министерство за државна безбедност се наведува дека наводниот британски шпион, со презиме Ванг, во Велика Британија дошол во 2015 година со програма за академска размена, а притоа бил канет на вечери и патувања тајно организирани од МИ6. Оттаму наведуваат дека Ван бил „по парите“ и бил намамен на високо платена работа во консултантски услуги со скратено работно време пред службениците на МИ6 да го контактираат со понуда да работи за владата за уште поголема плата, што тој ја прифатил.
По обуката, МИ6 му наредила на Ванг да се врати во Кина за да собира важни информации поврзани со кинеската Влада.
Според извештајот, МИ6 го убедила Ван да ја регрутира и неговата сопруга, која работела во „клучна владина канцеларија“, во замена за двојно поголема награда, на што таа се согласила.
Подготвено од М.Д.