17.06.2024 Скопје

За време на викендов, поточно до сабота, 15 јуни, властите од Софија требаше да достават детална информација до Комитетот на министрите на Советот на Европа за тоа што ќе преземат во врска со пресудите на Судот за човекови права за регистрацијата на здруженијата на Македонците во оваа земја. Откако информацијата ќе биде разгледана од Секретаријатот за извршување на пресудите на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), ќе се најде на дневниот ред на Комитетот на министрите на нивниот 1.507. состанок, закажан за септември 2024 година.

Се преземат дополнителни мерки насочени кон осигурување дека „Бугарија целосно, ефективно и навремено ги извршува предметните пресуди“!

На последниот состанок одржан во март годинава, делегатите на Комитетот на министрите на Советот на Европа за човекови права се декларираа подготвени. Но беше и повеќе од очигледно дека на тој состанок се регистрира отсуство на видлив напредок или календар за усвојување на убедливи дополнителни мерки.

Сега, впечатокот е дека при претстојната средба за испитување на овие случаи се преземат дополнителни мерки насочени кон зајакнување на нивниот политички дијалог и соработка со бугарските власти за да се осигури дека „Бугарија целосно, ефективно и навремено ги извршува предметните пресуди“!

Да потсетиме,Комитетот на министрите на Советот на Европа овде го следи извршувањето на само шест (6) пресуди против Бугарија: 59491/00 ОБЕДИНЕТА МАКЕДОНСКА ОРГАНИЗАЦИЈА ИЛИНДЕН И ДРУГИ од 19.1.2006 година, правосилна од 19.4.2006 година; 34960/04 ОБЕДИНЕТА МАКЕДОНСКА ОРГАНИЗАЦИЈА ИЛИНДЕН И ДРУГИ бр.2 од 18.10.2011 правосилна од 3.8.2012; 29496/16 ОБЕДИНЕТА МАКЕДОНСКА ОРГАНИЗАЦИЈА ИЛИНДЕН И ДРУГИ (бр. 3) од 11.1.2018 правосилна од 11.4.2018; 70502/13 ЈОРДАН ИВАНОВ И ДРУГИ од 11.1.2018 правосилна од 11.4.2018, 67197/13 МАКЕДОНСКИ КЛУБ ЗА ЕТНИЧКА ТОЛЕРАНЦИЈА ВО БУГАРИЈА И РАДОНОВ од 28.5.2020 правосилна од 28.5.2020 и 23702/15 ВАСИЛЕВ И ДРУШТВОТО НА МАКЕДОНЦИТЕ РЕПРЕСИРАНИ ВО БУГАРИЈА ЖРТВИ НА КОМУНИСТИЧКИ ТЕРОР од 28.5.2020 правосилна од 28.5.2020 година.

Со други зборови, првата тужба против Бугарија од Македонците во овие шест случаи беше поднесена пред 24 години, четврт век, потоа таа стана правосилна на 19 април 2006, односно пред 18 години! И таа пресуда и серијата други што следуваа не се извршени. И ова одложување од Бугарија е вака до недоглед.

Неспроведувањето на пресудите од ЕСЧП од страна на Бугарија „беше покажано буквално со прст од Парламентарното собрание на Советот на Европа и од Европскиот парламент кога се расправаше за Бугарија“. Очигледно Софија не е подготвена да го спроведе во својата држава она што таа го бара од Република Северна Македонија и безмилосно ја условува на патот кон ЕУ. Притоа Софија бара дури и повеќе од тоа што се бара од неа –Република Северна Македонија да го смени својот Устав и да ги впише Бугарите во него. А регистрацијата на здружение или партија во Бугарија, која сака да го брани и негува македонскиот идентитет во Бугарија, според бугарските судови е неуставно. Условот што се постигна со фамозниот „француски-бугарски“ предлог стана пречка на патот на Македонија (сега Северна) што води во ЕУ, услов што не е дел од Копенхашките критериуми, кои Република Северна Македонија во однос на правата на малцинствата ги исполнува, а Бугарија очигледно не ги исполнува истите тие критериуми, ако се земат предвид сите овие неспроведени пресуди за Македонците во Бугарија. Но таа е членка на ЕУ и може сега да диктира услови, кои се далеку од разумноста и еквидистанцата, заборавајќи како таа молеше при зачленувањето во ЕУ да не се зборува многу за малцинствата, особено за македонското за да стане членка на ЕУ, ветувајќи дека ќе ги почитува условите од Копенхаген. Претходно македонските власти и политичари со измените на македонскиот устав се откажаа отворено од заштитата на македонското малцинство во соседните земји, додека нашите соседни земји не се откажаа од тоа и дури бараат повеќе од тоа. Договорите склучени во излив на пријателство на нашите политичари со бугарските, колку да изгледаат убаво на прв поглед, секогаш биле на наша штета. Реублика Северна Македонија правеше отстапки, а другите не. А некои наши политичари жестоко ги бранат ваквите договори, како знак на добрососедство. Но добрососедство не е само кога едниот сосед прави отстапки, а другиот ништо не губи, туку само добива во својата подлабока стратегија на обезличување на македонскиот идентитет, чии корени се подлабоки од постоењето на современата македонска држава.

Стравот да се сруши националниот мит, кој како сите национални митови, не само во Бугарија, се гради и на лажни измислени темели за да се зацврсти националното единство, ја спречува Софија да признае, како што го направи тоа во 1945 г., дека во Бугарија има македонско малцинство.

А Европа, преку Советот на Европа (Совеста на Европа) може да испраќа и да донесува одлуки насочени кон бугарските власти, од кои само со зборови и без конкретни санкции се бара спроведување на пресудите на ЕСЧП. Но реалполитиката на Запад, кој има повеќе од потреба од Бугарија, која го фати сега замавот и ужива голема поддршка (земајќи ги предвид и односите кон Русија), сигурно, барем засега, нема да направи ништо повеќе за македонското малцинство во Бугарија, за признавањето на неговите колективни права на слободно здружување и собирање. Но сепак е доволно што ова прашање квалификувано како „комплексно“ или „сложено“ од Комитетот на министрите на Советот на Европа останува отворено, надежите не се изгубени дека конечно ќе бидат исполнети залагањето на македонските активисти во Бугарија. Правдата, како што вели поговорката е бавна – ама сепак стигнува.

Дека нешто може да се придвижи е фактот што Комитетот на министрите на Советот на Европа оваа година двапати ќе расправа за правата и положбата на припадниците на македонскиот народ што се наоѓаат во делот на Република Северна Македонија што ѝ припадна на Република Бугарија по Балканските војни. Ова прашање откако беше разгледано во март 2024 година, повторно ќе се разгледува во септември.

Во последната одлука на Комитетот на министрите на Советот на Европа јасно беа посочени критики до официјална Софија за досегашната нејзина неактивност во насока на подобрување на човековите и малцинските права на Македонците.

Подготвено од М.Д.

About Author

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *