_Japan_Nagasaki_

05.06.2024 Скопје

Градот Нагасаки во југозападна Јапонија одлучи да не го покани Израел на мировната церемонија што ја организира секоја година на 9 август во чест на жртвите од атомското бомбардирање на градот во 1945 година.

„Го суспендиравме писмото со покана до израелскиот амбасадор во Јапонија“, рече градоначалникот на Нагасаки, Широ Сузуки на прес-конференција.

Наместо тоа, градот му испрати писмо „во кое повикува на итен прекин на огнот“ во Појасот Газа, палестинската територија која е под опсада и напади речиси осум месеци.

Сузуки го оправдува суспендирањето на повикот до Израел и со желбата да се избегнат можни инциденти за време на церемонијата, поради критичната хуманитарна ситуација во Газа и тензиите што ги предизвикува во многу земји.

Нагасаки, пак, како и секоја година покани претставник на Палестина во Јапонија. Амбасадата на Израел во Токио сè уште не одговорила.

На 9 август 1945 година, три дена по првото атомско бомбардирање во историјата на градот Хирошима, Нагасаки ја доживеа истата судбина, со околу 74.000 жртви на лице место.

По овие две американски бомбардирања кои ја забрзаа капитулацијата на Јапонија и крајот на Втората светска војна, Хирошима и Нагасаки станаа симболи на мирот и нуклеарното разоружување. И двата града имаат традиција да покануваат истакнати гости од целиот свет на своите годишни комеморации. Претставници на Русија и Белорусија веќе не се добредојдени од инвазијата на Украина во 2022 година.

За разлика од Нагасаки, Хирошима неодамна одлучи да го покани Израел на сопствена церемонија на 6 август, што наиде на критики. Хирошима никогаш не покани палестински претставник на овој настан, јавуваат локалните медиуми.

Подготвено од М.Д.

About Author