izlozba2

28.06.2024 Скопје

Во Радовиш беше организирана изложба на хералдички грбови насловена „Македонија во светот на хералдиката“ по повод Светскиот ден на хералдиката.

Иницијативата за оваа изложба е на публицистот Ставре Џиков, Македонското грбословно друштво и општинската установа Центар за култура „Ацо Караманов“ од Радовиш, односно нејзиниот директор Никола Миовски.

Промотор на изложбата беше Ставре Џиков, а свое обраќање имаше и градоначалникот Ацо Ристов. Автори на изложбата се потпретседателот на Македонското грбословно друштво, Иван Нацевски и претседателот д-р Јован Јоновски, а ликовното уредување е на Димитриј Михајловски од истото друштво, кое е единственото стручно тело по хералдика во Република Северна Македонија.

Во градската галерија Музеј на љубовта и уметноста во Радовиш на 35 панели беа претставени повеќе од 70 грба поврзани со Република Северна Македонија, почнувајќи од 14 до 21 век.
Беа претставени грбовите на Република Северна Македонија од европските и илирските грбовници, грбовите на кралот на Античка Македонија, припишаниот на Александар Трети Македонски и на митскиот предок Македон од Ематија…

За публицистот Ставре Џиков овој настан е активност за поттикнување на културната свест на македонскиот народ. „Секој народ, секој човек, оние што си ги знаат историјата и потеклото имаат химна, грб и знаме“, рече Џиков.
Јован Јоновски, претседател на Македонското грбословно друштво, пред присутните одржа предавање за хералдиката.

На настанот се говореше и како настанал хералдичкиот грб на општината Радовиш и што всушност претставуваат неговите знаци. Карактеристично за грбот е што содржи венец од тутун, потоа во внатрешниот дел има специфичен крст со 16 краци, кој го има самиот во црковниот храм „Свети пророк Илија“ во Радовиш и никаде на друго место.

Подготвено од М.Д.

About Author