11.06.2024 Скопје
Кандидатот на грчката партија Нова демократија Фреди Белери добил пратеничко место во Европскиот парламент. И тука не би имало ништо спорно доколку Белери во моментов не е во албански затвор, каде одлежува двегодишна затворска казна поради корупција, и тој добил 236.271 глас.
Белери е припадник на грчкото малцинство во Албанија, каде бил кандидат за градоначалник на Химара. Два дена пред изборите бил уапсен поради обвинение за купување гласови, а на крајот на изборите победил со 19 гласа разлика. Но албанските власти не му дозволиле да излезе од притвор за да даде заклетва.
Тој и претходно бил осомничен за кривични дела во Грција и Албанија. Грчката влада неговиот случај го смета за кршење на правата на малцинствата во Албанија, поради што ги блокираше пристапните преговори со Европската Унија. Албанија тврди дека „ова е случај кој треба да го реши судот“ и истакнува дека ЕУ инсистира на независност на судството и борба против корупцијата.
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис под притисок на јавноста го стави Белери на листата за европските избори. Се наметнува прашањето дали Нова демократија ќе инсистира Белери да биде европратеник и дали Албанија ќе се согласи да го пушти од затвор.
Белери се огласил од затворот. „Во текот на сите месеци на мојата авантура се зајакна моето уверување дека светлината секогаш ја победува темнината“, кажал тој.
„Сакам од срце да им се заблагодарам на сите Грци кои ме почестија со својот глас, на своето семејство кое ми е поддршка. Им се заблагодарува на пријателите низ Грција кои беа со мене низ најтешкиот тест во мојот живот. И, секако, на премиерот Киријакос Мицотакис, кој ми даде шанса да бидам кандидат, на што секогаш ќе му бидам благодарен“, додал тој.
Подготвено од М.Д.