ANTENA

26.06.2024 Скопје

Русија го ограничи емитувањето на 81 европски медиуми на својата територија како одговор на сличната мерка против руските медиуми во ЕУ, соопшти руското министерство за надворешни работи.

„Руската страна повеќе пати и на различни нивоа предупредуваше дека политички мотивираното вознемирување на домашните новинари и неоснованите забрани на руските медиуми во Европската Унија нема да минат незабележано“, се наведува во соопштението.

Москва забрани медиуми од 25 земји.

Меѓу нив се Политико, ЕУобзервер, Франс прес, Шпигл и Цајт, француски Монд и Либерасион, италијански Република и Стампа, шпански Паис и Мундо, финските Иле и Хелсингин саномат, литвански ЛРТ, естонската верзија на порталот Делфи, полската телевизија Белсат, шведски СВТ. Руското министерство за надворешни работи истакна дека, доколку се укинат ограничувањата за руските медиуми, руската страна исто така ќе ја „преиспита својата одлука во однос на спомнатите медиуми“.

Советот на Европската Унија претходно ги забрани руските медиуми во ЕУ поради „воена пропаганда“.

„Овие медиуми се под постојана директна или индиректна контрола на раководството на Руската Федерација и играат важна улога во промовирањето и поддршката на руската агресорска војна против Украина, како и дестабилизацијата на соседните земји“, се наведува во соопштението на Советот на ЕУ.

Од почетокот на конфликтот во Украина ЕУ го забрани емитувањето на руските медиуми НТВ, Русија1, Рен ТВ, Прв канал, РТ, Спутник, Глас на Европа, РИА Новости, Известија и Руска газета.

Подготвено од М.Д.

About Author