15.06.2024 Скопје
Главниот штаб за планираната мисија на НАТО за координација на испораките на оружје и обука на украинските војници ќе биде во Германија. Како што од Алијансата се дознава, седиштето на мисијата ќе биде во Визбаден.
Во Визбаден веќе има база на оружените сили на САД за Европа кои до сега ја водеа координацијата. Со операцијата ќе раководи генерал со три ѕвезди кој директно ќе му одговара на главниот командант на силите на НАТО за Европа.
Оперативниот план го одобри Северноатлантскиот совет во пишана процедура во четвртокот. Потоа денес го потврдија министрите за одбрана.
Задачите за поддршка на Украина досега главно ги вршеа Соединетите Американски Држави. На крајот на 2022 поставија единица од околу 300 војници во базата во Визбаден.
Мисијата на НАТО е и мерка на претпазливост во случај Доналд Трамп да се врати на местото претседател на САД од јануари 2025. Изјавите на Трамп и неговите републиканци поттикнуваат сомнеж дали САД, ако Трамп победи на изборите, ќе продолжат да ја поддржуваат Украина.
Во проектот не учествува Унгарија бидејќи владата на чело со Виктор Орбан се плаши дека мисијата може да го вовлече НАТО во директен конфликт со Русија.
Работното име на мисијата е „НАТО безбедносна помош и обука за Украина“.
Повеќето членки на западниот воен пакт биле за името „НАТО мисија Украина“, но германската влада се побунила дека тоа може погрешно да се толкува – како воениот пакт да сака да испрати војска во војна.
Подготвено од М.Д.