14.06.2024 Скопје
„Нашиот фокус е првенствено заканата од исламистичкиот тероризам, хулиганите и нивните престапи, секојдневните злосторства и насилните криминалци, но овојпат и од сајбер нападите“, рече Фезер на церемонијата на околу 350 полицајци распоредени за обезбедување на шампионатот.
Групите како Исламската држава веќе повикаа на напади на Еврото, кое ќе трае еден месец и ќе започне утре со натпреварот на домаќинот Германија против Шкотска. „Затоа, нашите безбедносни власти цврсто ја следат исламистичката сцена“, рече Фезер, додавајќи дека властите во моментов не знаат за какви било конкретни планови.
Германија очекува 2,7 милиони луѓе да ги следат натпреварите на стадионите, а околу 12 милиони ќе ги следат во фан зоните, односно на надворешни површини како онаа пред берлинската Бранденбуршка порта.
Навивачките зони беа популарни за време на Светското првенство во Германија во 2006 година, но останува да се види какво ќе биде расположението на овој спортски настан со оглед на тензиите околу конфликтот во Украина и на Блискиот Исток и зголемувањето на поддршката на екстремната десница во Европа.
„Некои луѓе се обидуваат да ги донесат овие конфликти во нашата земја“, предупреди министерката, додавајќи дека нема да се толерира пропаганда и говор на омраза на германските улици. Околу 22.000 полицајци ќе работат секој ден на обезбедување на шампионатот.
Германските безбедносни власти, исто така, соработуваат со меѓународните партнери за да ги идентификуваат потенцијалните закани, а земјата ги зајакна граничните контроли.
Подготвено од М.Д.