10.06.2024 Скопје
На располагање се 2,7 милиони билети за четиринеделниот турнир, чиј домаќин се Берлин, Минхен, Келн, Дортмунд, Дизелдорф, Франкфурт, Гелзенкирхен, Хамбург, Лајпциг и Штутгарт. Овие градови се надеваат на прилив на домашни и странски гости.
„Можно е 2024 година да биде нова рекордна година за туризмот во Германија благодарение на многубројните ентузијастички фудбалски фанови кои сакаат да го доживеат овој настан во живо“, рече Норберт Кунц, извршен директор на Германската асоцијација за туризам (ДТВ).
Зголемување на продажбата може да очекуваат и пиварниците.
„Големите фудбалски настани во минатото покажаа дека за време на турнирот се троши повеќе пиво отколку што е вообичаено во текот на летните недели“, рече Холгер Ајхеле од Здружението на германски пивари.
За време на Светското првенство во 2006 година, чиј домаќин беше и Германија, продажбата на пиво се зголеми за околу пет проценти пред и за време на турнирот. Тоа би било особено добредојдено бидејќи 2023 година беше тешка година за пиварската индустрија, при што домашната продажба е намалена за 4,5 отсто на 8,4 милијарди литри, според владините бројки.
Сепак, Мајкл Гремлинг од Германскиот економски институт (IW) истакнува дека „искуството со Светското првенство во 2006 година покажува дека големите спортски настани не се економски огномет“.
Тој изјави дека за многу потрошувачи ЕУРО 2024 е можност да купат нов телевизор или да се напијат дополнително пиво, но наместо во ресторан или кино, вечерта ќе ја поминат дома, поради што нема зголемување на трошењето.
Економистите во Комерцбанк велат дека економијата би можела да стагнира во вториот квартал – што ја вклучува првата половина од турнирот – откако порасна за 0,2 отсто од јануари до март. Според проекциите на економистите, ЕУРО 2024 треба да генерира повеќе од две милијарди евра бенефиции, а се очекуваат повеќе од три милиони гости од странство.
Европското фудбалско првенство во 2024 година се предвидува да генерира над две милијарди евра економски придобивки, со значителен придонес од туризмот и угостителството. Локалните бизниси се подготвуваат за зголемена побарувачка, а туристичката индустрија се подготвува да пречека милиони посетители.
Продажбата на мало би можела да добие поттик во трошењето доколку домашниот тим е успешен на теренот, според индустриското здружение HDE.
„Само ако германската репрезентација ја преживее првата фаза од турнирот, може да има корист и расположение на потрошувачите“, велат од HDE.