25.06.2024 Скопје

Активистот со австралиско потекло ќе склучи договор со американското Министерство за правда за признавање вина по една точка од обвиненијата, велат судските документи.

Коосновачот на Викиликс Џулијан Асанж утрово е ослободен од затворот во Велика Британија, соопшти неговиот тим.

Тој помина пет години во затворот Белмарш во Лондон додека се бореше против екстрадиција во САД, каде што беше обвинет по 18 точки за ширење доверливи информации.

Според новоподнесените судски документи, 52-годишниот Асанж се согласил да се изјасни за виновен по едно кривично обвинение за заговор за добивање и откривање доверливи документи за националната одбрана на САД, според поднесоците во Окружниот суд на САД за Северните Маријански Острови.

Асанж деновиве треба да биде осуден на 62 месеци од веќе отслужената казна.

„Џулијан Асанж е слободен“, се вели во соопштението на Викиликс објавено на Икс.

„Тој го напушти максимално обезбедениот затвор Белмарш утрото на 24 јуни, откако помина таму 1.901 ден. Вишиот суд во Лондон му одобри кауција и беше ослободен на аеродромот Стенстед во текот на попладневните часови, каде што се качи на авион и замина од Обединетото Кралство“.

„Ова е резултат на глобалната кампања што ги опфати грас-рут организаторите, активистите за слобода на печатот, законодавците и лидерите од целиот политички спектар, сè до Обединетите нации. Ова создаде простор за долг период на преговори со американското Министерство за правда, што доведе до договор, кој сè уште не е формално финализиран. Ќе обезбедиме повеќе информации што е можно поскоро“, напиша Викиликс.

„По повеќе од пет години во ќелија од 2×3 метри, изолиран 23 часа на ден, тој наскоро повторно ќе се соедини со сопругата Стела Асанж и нивните деца, кои својот татко го познаваат само од зад решетки.

Викиликс објави револуционерни приказни за владина корупција и кршење на човековите права, барајќи одговорност од моќниците за нивните постапки. Како главен уредник, Џулијан брутално плати за овие принципи и за правото на народот да знае.

Додека се враќа во Австралија, им благодариме на сите што застанаа покрај нас, се бореа за нас и останаа целосно посветени во борбата за неговата слобода.

Слободата на Џулијан е наша слобода“, порача Викиликс.

Подготвено од М.Д.

About Author

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *