POLZAVI

04.06.2024 Скопје

Годинава на фестивалот беше соборен рекорд, а биле изедени повеќе полжави од кога било, дури 15 тони.

Ова е и најважниот гастрономски фестивал во Каталонија, а се одржува во градот Леида, кој се наоѓа на 130 километри западно од Барселона. На овој настан кој трае три дена учествуваат повеќе од 15.000 луѓе (оваа година се одржа од 24 до 26 мај).

Фестивалот продолжува да расте и оваа година беа додадени четири нови пења (тимови), што го прави најголемото издание во 43-годишната историја на фестивалот. А на овој фестивал учествуваше и Франческо Сегура, кој присуствуваше на првиот фестивал далечната 1980 година. „Тогаш бевме само седуммина, а се собиравме покрај реката Сегре за да јадеме полжави еднаш годишно“, изјави тој.

Сите тимови учесници го следат истиот распоред – заеднички ручек е закажан во 14:30 часот, а вечера во 22 часот. Некои од поголемите тимови вработуваат професионални готвачи, додека други делат задачи меѓу своите членови, објаснува Аранча Контрарез Баскез, која е на чело на тимот Lavativa веќе 14 години.

Влезот на фестивалот е бесплатен, а посетителите кои не припаѓаат на ниту еден тим можат да уживаат во традиционални јадења со полжави, вклучувајќи a la gormand, полжави варени во сос од лута пиперка и билки и a la llauna, полжави варени во паеља. За помалку смелите, постојат опции како што се бакалар во сос од домати и традиционалниот каталонски бутифара колбас.

„Полжавот е нешто карактеристично за Леида, тоа е храна што треба да се сподели со пријателите и семејството. Цел живот овде готвиме и јадеме полжави“, изјави пензионерката Ангелс Онс Соле, која и самата подготвува полжави на скара, секој пат кога нејзиното семејство доаѓа на гости. Полжавите, се согласуваат сите присутни, се како празно платно – ги апсорбираат сите вкусови што ги додавате, а секој има своја верзија.

Подготвено од М.Д.

About Author