25.06.2024 Скопје
Со повеќе настани денеска во демирхисарското село Слоештица, ќе бидат одбележани 90 години од раѓањето на македонски поет, романописец, раскажувач и драмски автор Петре М. Андреевски.
Одбежелувањето во Слоештица, неговото родно село и вечно почивалиште, го организира Македонското научно друштво – Битола, во соработка со Педагошки факултет – Битола, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, Студенското собрание при УКЛО, АРТ ПОИНТ – ГУМНО, с. Слоештица и Europe House – Битола.
Покрај посета и оддавање почит на гробот на Петре во селото Слоештица, предвидена е културна манифестација која вклучува литературно читање на дел од поезијата на Петре М. Андреевски и квиз со едукативен карактер, поврзан со неговиот лик и дело. Литературното читање и квизот ги подготвија студенти од Педагошки факултет – Битола, а ќе се реализираат во реновираниот Задружен дом во Слоештица.
Настанот ќе заврши во Арт поинт – Гумно со свечено откривање на склуптура, инспирирана од прочуената „Дениција“ на Андреевски, а изработена од познатиот македонски уметник Никола Пијанманов.
На настанот, како што најавуваат организаторите, ќе присуствува и ќе се обрати амбасадорот на ЕУ во Скопје, Дејвид Гир.
Петре М. Андреевски е роден на 25-ти јуни 1934 година, во Слоешница, Демир Хисар, а почина на 25-ти септември 2006 година.
Андреевски во своето литературно творештво вбројува голем број стихозбирки, раскази, есеи и романи, од кои посебно се издвојуваат се „Дениција“ и „Пиреј“.
Подготвено од М.Д.