bugarija-makedonija

27.06.2024 Скопје

„Денеска конечно паднаа маските и новата влада кај нашиот сосед јасно покажа дека најголемиот страв кај политичарите на оваа земја е да го препознае самото постоење на зборовите „Бугарин“ и „бугарско“ во Република Северна Македонија“, изјавил бугарскиот претседател Румен Радев пред тамошните новинари како реакција на ставовите на новиот премиер, Христијан Мицкоски за уставните измени.

Тој додал дека „ова е политика насочена директно против европските принципи и одлуки донесени со консензус од сите земји-членки, против меѓународните обврски, „но пред се против сопствените граѓани, кои јасно ги кажаа своите амбиции за европски развој на земјата“.

Вчера и Министерството за надворешни работи на Бугарија излезе со став во кој како неприфатлива ја оцени „наведената намера на Република Северна Македонија да не се придржува до меѓународните обврски и потпишаните договори“.

„Веќе стана сосема јасно зошто пролетта 2021 година, како претставник на Бугарија во Советот на Европската унија, го префрлив фокусот на европските институции и лидери за заштитата на нашата историја, култура и јазик и правата на Бугарите во Република Северна Македонија“, прокоментирал Радев.

Мицкоски пред два дена од Собранието, при изборот на новата Влада, порача дека „бугарскиот диктат нема да помине додека е премиер“.

„Ова треба да ви биде јасно. Оваа грешка ќе го чини секој граѓанин на Република Северна Македонија, но најмногу ќе ја чини Република Северна Македонија, бидејќи пред да влезете во такви авантури требаше да седнете и да ни пружите рака да седнеме и да разговараме. Беше јасно дека оваа работа, како што ја замисливте вие ​​или некој друг, нема да оди на тој начин“, нагласи Мицкоски.

Подготвено од М.Д.

About Author