06.06.2024 Скопје
Го завикале Бомбино, по асоцијација на италијанското „бамбино“ или дете, поради неговата ситна става и пргавост. Но музичарoт од Нигер – прв номиниран за Греми од оваа земја – кој вечерва ќе го отвори Офф Фест, е голем борец за мир со својата гитара.
Омара „Бомбино“ Моктар (ⴱⵓⵎⴱⵉⵏⵓ на визуелно прекрасното туарешко писмо, кое потсетува на феникиско или на глаголица) е нигерски гитарист чиј електризирачки звук, во комбинација со стиховите на неговиот мајчин јазик тамашек, го промовира културното наследство на Туарезите низ светот. Денес (6.6.) тој ќе го отвори годинешното издание на Офф Фест во Скопје.
Гостувањето на музичари од нам далечни и непознати контексти не е само повод да се слушне малку поинаква музика, туку и да се научи нешто повеќе за контекстот од која таа доаѓа и така да се одбегне да се смести во кашата на world music или да се опише со генеричкото „африканска музика“.
Туарезите, на кои им припаѓа Бомбино, се голема етничка подгрупа на Берберите кои ја населуваат Сахара, од Либија преку Алжир, Нигер, Мали и Буркина Фасо. Тоа се полу-номадски племиња на сточари, трговци и воини кои и денес го одржуваат кланскиот и кастинскиот систем. Англичаните ги нарекувале и „Сини луѓе“ поради бојата на индиго на нивните наметки и шамии, која понекогаш им ја боела и кожата.
Распарченоста на групата помеѓу различни држави и обидот за нивно обединување, како и големите суши и периоди на глад од 1980-тите, ги принудувале да мигрираат и да иницираат бунтови. И семејството на Бомбино (кој според некои статии за него имал 17 браќа и сестри!) морало да избега од Нигер, најпрвин во Алжир. Таму роднините имале гитара на која тој почнал да ги учи првите акорди. Кога се вратил во Нигер, се придружил на Туарешката политичка партија и под менторство на „колега“ по партиска линија почнал да го усовршува својот стил на свирење.
Голем влијание врз него имале Марк Нофлер од „Дајер стрејст“ и Џими Хендрикс, иако касетите на кои ги слушал биле со изгребани етикети па тој не ни знаел кого и што слуша. Во 2007 се случува вториот бунт на Туарезите кога тој бега во Буркина Фасо. Таму се среќава со режисерот Рон Вајман кој за него го снима документарецот „Агадез, музиката и бунтот“ и го носи во Кембриџ да сними албум.
Вториот албум „Номад“ (2013), продуциран од Ден Aуербах од „Блек кис“ дебитира на првото место на топ листата на светска музика на Билборд, а следниот „Азел“ (2015) го промовира неговиот нов жанр, „туарреге“, мешавина на туарешки блуз, реге и рок. Шестиот албум „Деран“ го снимал во Казабланка, во студио во сопственост на кралот на Мароко. На денот на неговото излегување Њујорк Тајмс го нарекува Бомбино „Султан на ‘шредот’“ (специфичен начин на шредање/свирење гитара). Албумот е номиниран во категоријата најдобри волрд мјузик албуми на наградите Греми, со што Бомбино станува прв уметник од Нигер номиниран за ова признание.
Неговите стихови често се многу едноставни, за животот во пустината под ѕвездите, но и за мачната историја на неговиот народ кому му е потребно обединување.
„Каква корист има
од слободни луѓе кои спијат
во овој свет на страдање?
Разбуди се мој народе
собери сила
соочи се со твоите тешкотии
долг пат те чека“
Подготвено од М.Д.