ALEKSANDER DE KRO

03.06.2024 Скопје

Белгискиот премиер Александер де Кро изјави дека Белгија не планира да ѝ дозволи на Украина да го користи оружјето кое го добила од Белгија за напади на територијата на Русија.

Де Кро во Вашингтон, пред состанокот со американскиот претседател Џо Бајден, потсети дека оваа недела потпишал договор со украинскиот претседател Володимир Зеленски кој предвидува испорака на борбени авиони Ф-16 на Украина, но истакна дека договорот е многу јасен и дека тие авиони можат да се користат само на територијата на Украина.

„Тоа е договорот кој е склучен и јас сакам да се придржувам до тоа“, кажа Де Кро.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ги повика минатата недела сојузниците да ја повлечат забраната Украина да го користи оружјето на Алијансата во нападите на воени цели на територијата на Русија.

Таа забрана ја укина Германија, по истиот потег на Соединетите Американски Држави.

Украина нема дозвола од Италија да го користи оружјето кое ѝ го испорачува таа земја за да напаѓа мети на територијата на Русија, туку исклучиво може да го користи „за да се одбие руското напредување и да се гарантира слободата на земјата“, изјави министерот за надворешни работи на Италија Антонио Тајани.

Тајани кажа дека Италија ја отфрла војната и дека не може да дава оружје за напади на Русија.

Подготвено од М.Д.

About Author