01.06.2024 Скопје
Американскиот претседател Џо Бајден претстави, како што рече, трифазен израелски предлог за прекин на огнот во Газа во замена за ослободување на израелските заложници, велејќи дека „време е оваа војна да заврши“ и доби позитивна првична реакција од Хамас.
Првата фаза вклучува шестнеделен прекин на огнот кога израелските сили ќе се повлечат од „сите населени области“ на Газа, некои заложници – вклучително и постари и жени – ќе бидат ослободени во замена за стотици палестински затвореници, палестинските цивили би можеле да се вратат во своите домови во Газа и 600 камиони дневно би носеле хуманитарна помош во опустошената енклава. Во оваа фаза, Хамас и Израел ќе преговараат за траен прекин на огнот за кој Бајден рече дека ќе трае „додека Хамас ги исполнува своите обврски“. Ако преговорите траат повеќе од шест недели, привремениот прекин на огнот ќе се продолжи додека тие продолжуваат.
Во втората фаза, Бајден рече дека ќе има размена за сите преостанати живи заложници, вклучително и машки војници, израелските сили ќе се повлечат од Газа и ќе започне трајниот прекин на огнот.
Третата фаза ќе вклучува голем план за реконструкција на Газа и враќање на „конечните останки“ на заложниците на нивните семејства.
„Време е оваа војна да заврши и да започне следниот ден“, рече Бајден, кој е под притисок во изборната година да го запре конфликтот во Газа, што сега е во осмиот месец.
Хамас, за кој Бајден рече дека го добил предлогот од Катар, објави соопштение во кое реагира позитивно. Хамас рече дека е подготвен да се вклучи „позитивно и на конструктивен начин“ со кој било предлог заснован на траен прекин на огнот, повлекување на израелските сили, реконструкција на Газа, враќање на раселените и „вистински“ договор за размена на затвореници, ако Израел „јасно ја објавува посветеноста на таквиот договор“.
Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху соопшти дека тој го овластил својот преговарачки тим да го претстави договорот, „исто така инсистирајќи дека војната нема да заврши додека не се постигнат сите нејзини цели, вклучително и враќањето на сите наши заложници и уништувањето на воените и владини капацитети на Хамас“. Исто така, израелската војска соопшти дека нејзините сили ги завршиле операциите во областа Џабалија во северна Газа по неколкудневни интензивни борби, додека напредуваат понатаму во Рафах во јужна Газа за да го таргетираат, како што велат, последното големо упориште на Хамас.
Подготвено од М.Д.