14.06.2024 Скопје
Станува збор за билатерален историски договор кој беше потпишан на дури 10 години.
Да потсетиме, Украина од почетокот на руската инвазија има потпишано 15 билатерални безбедносни договори со голем број земји – од Обединетото Кралство до Франција и Германија до Италија. Она што е интересно за договорот потпишан со САД денес е дека за него не е потребно одобрение од Конгресот, а потенцијалната идна администрација на Доналд Трамп би можела да го поништи.
Бајден претходно изјави дека гаранциите за Украина ќе бидат исти како оние за Израел, покривајќи ја финансиската и воената помош, како и можноста за заедничко производство на оружје. По потпишувањето на историскиот договор, Бајден и Зеленски одржаа заедничка прес-конференција.
„Ова е документ без преседан. Денеска е навистина историски ден“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски за договорот што го потпиша со Џо Бајден.
Тој е убеден дека „најсилниот договор” ќе ги зачува „човечките животи и дека содржи одредби за „чекори за одржлив мир” по завршувањето на војната. „Русија е вистинска глобална закана”, нагласи тој. Тој ја пофали „храброста на американските граѓани и украинските војници кои го овозможија договорот“.
Тој ѝ се заблагодари на Америка за континуираната поддршка на неговата земја. Рече дека е горд на украинскиот народ и она што успеал да го направи за време на војната во неговата земја. Нагласи дека договорот вклучува борбени авиони Ф-16 и друго оружје што Украина долго време го бара.
„Ние работиме на тоа долго време“, истакна тој. Тој најави дека Украина наскоро ќе добие „ескадрили“ авиони. Украина со месеци бараше авиони Ф-16, а досега Данска, Холандија, Норвешка и Белгија се обврзаа да ги испратат во таа загрозена земја.
Зеленски тврди дека договорот содржи клучна компонента што Украина долго време ја бара. „Нашиот безбедносен договор е мост за членството на Украина во НАТО“, рече тој. Зеленски не го крие задоволството што американските власти одлучија да ги искористат запленетите финансиски средства за финансирање на воените напори во Украина.
„Руските средства треба да се користат за заштита на животите на Украина“, рече тој.
Бајден рече дека договорот ќе им овозможи на двете земји да ја прошират размената на разузнавачки информации, да продолжат со обуката на украинските војници и да инвестираат во индустриската база во Украина за Киев да може самостојно да произведува муниција.
Американскиот претседател е убеден дека договорот ќе ја направи Украина „силна, одржлива и издржлива“. Тој потврди дека Америка го зголемува притисокот врз Русија. Додаде дека американското Министерство за финансии јасно стави до знаење дека секоја банка во светот што работи со санкционирани руски банки ќе биде санкционирана и самата.
Тој објасни дека рускиот претседател Владимир Путин зависи од приходите од енергетските проекти, кои треба да бидат нарушени со воведување нови санкции. „Путин нема да нѐ подели, а ние ќе стоиме со Украина додека не победат во оваа војна“, рече Бајден.
Подготвено од М.Д.