27.06.2024 Скопје
Американскиот претседател Џо Бајден денеска најави отпочнување на процес за помилување на воените ветерани осудени за хомосексуални односи, кои беа незаконски во американската војска се додека таа одредба не беше укината на крајот на 2013 година.
Администрацијата на Бајден проценува дека оваа мерка може да се однесува на илјадници лица, поранешни припадници на американската војска, осудени и отпуштени од вооружените сили поради хомосексуални односи.
Припадниците на војската стојат на бедемот на слободата и ги ризикуваат своите животи за да ја одбранат нашата земја. И покрај нивната храброст и голема пожртвуваност, илјадници членови на ЛГБТКИ+ заедницата беа принудени да ја напуштат војската поради нивната сексуална ориентација или родов идентитет, рече Бајден во изјавата.
Тие сега би можеле да бидат подобни за помилување, а американските власти размислуваат кои поранешни припадници на војската би можеле да ги исполнуваат условите.
Подготвено од М.Д.