11.06.2024 Скопје
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, вчера оствари средба со Ангела П. Агилер, амбасадорка на САД во Република Северна Македонија при што ги поздрави долгогодишните и силни билатерални односи меѓу двете држави и потоа ја нагласи важноста од одржување и натамошно зајакнување на овие односи кои се од заеднички интерес на двете земји.
Тој изрази благодарност, во име на државата, за континуираната поддршка што САД ја даваат на Република Северна Македонија што високо се цени во земјата. Силен столб во билатералната соработка претставува Декларацијата за стратешко партнерство меѓу Република Северна Македонија и САД од 2008 година како и Стратешкиот дијалог меѓу двете влади од 2022 година.
Претседателот Гаши истакна дека е многу важна улогата на Република Северна Македонија и Соединетите Американски Држави во промовирање на регионалната стабилност и соработка меѓу земјите од Западниот Балкан. Во тие рамки тој информираше дека Собранието на Република Северна Македонија претседава со Парламентарното Собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа и од 18 до 20 јуни 2024 година во Собранието ќе се одржи 11-та Пленарна сесија на Парламентарното Собрание на Процес за соработка во Југоисточна Европа што претставува уште еден знак на посветеност на земјата за продлабочување на регионалната соработка.
Подготвено од М.Д.