04.06.2024 Скопје
Околу 370 милиони граѓани на земјите кои се членки на Европската Унија ќе можат да гласаат на изборите кои ќе започнат оваа недела. Тие гласаат за нов состав на Европскиот парламент, а изборите се одржуваат од 06-ти до 09-ти јуни во сите 27 земји членки на Унијата.
Директните избори се воведени во 1979-та година кога на изборите излегле 62% од гласачите, но, од избори во избори процентот на гласачи варира. Целта е да има поголема излезност, минатите избори во 2019-та излезноста била 50.6%, а најниска излезност е забележана во 2014-та, 42,6 %. Околу 71% од граѓаните кои живеат во рамките на ЕУ сметаат дека нивната земја има бенефит затоа што е членка, но тој број не се одразува кога станува збор зa излезност на гласање.
Според анкетата презентирана од страна на Европскиот Парламент (Тhe presentation on the European elections Philip Schulmeister, Director for Campaigns, Directorate General for Communication, European Parliament) од граѓаните на ЕУ, 73 % очекуваат нивниот личен стандард на живеење дополнително да се намали во 2024-та година во споредба со март 2023-та. Главните теми за кои луѓето сакаат да слушнат во кампањата се борба против сиромаштијата, јавното здравје, поддршката на економијата, одбраната и безбедноста.
Но, темите на интерес се разликуваат од земја во земја. На пример во Португалија, Хрватска и Романија главна тема на интерес е поддршка на економијата во отварање на нови работни места, во Шведска, Финска и Литванија е безбедноста на ЕУ. Како што се разликуваат темите на интерес така се разликува и процентот на излезност од земја во земја.
На пример гласањето во Белгија и Луксембург е задолжително па на минатите избори имаше 90% излезност додека во Словачка и Чешка не стасува ни до 30% . Проценката е дека на изборите би излегле околу 60% од граѓаните на ЕУ а би се избрале 720 пратеници што е за 15 пратеници повеќе од изборите во 2019-та, но бројот на пратеници од секоја земја е различен и зависи од големината на земјата членка.
„Искористи го својот глас“ е мотото на кампањата. Кон ова тежнеат и левицата и десницата и партиите од централниот блок. Иако се изборите национални потоа тие пратеници се здружуваат со своите истомисленици-сестрински партии и прават таканаречени блокови. Така партиите стануваат транснационални и се поделени во седум групи во Европскит парламент: Европската народна партија (ЕПП) , Прогресивниот сојуз на социјалистите и демократите (С&Д), Да ја обновиме Европа (Обнова), Европските конзервативци и реформисти (EЦР), Идентитет и демократија (ИД), Зелениот европски слободарски совет и Европската обединета левица-Нордиската зелена левица.
До сега секогаш во предност биле групите предводени од германската ЦДУ која коалицира со социјалдемократски партии но и либералите и Зелените. Но дали овој пат ќе има поголемо влијание десницата со оглед на нејзиниот подем во неколку европски земји како што се Франција со Мари Ле Пен, Италија на Џорџа Малони или Холандија која доби коалициска влада на чело со десничарот Герт Вилдерс? Анкетите најавуваат дека десницата ќе има пробив .
Премиерката на Италија Џорџа Малони смета дека изборите за Европскиот парламент се пресвртница кон ера на десницата во ЕУ. Нејзината цел е да се изгради десничарска влада во Европа а Италија да биде таа што ќе ја направи промената.
Подготвено од М.Д.