21.05.2024 Скопје
Власта во заминување мува не ја лази дали вработените во Македонски пошти ќе земат месецов плата, како и тоа дека денеска по тој повод револтираните вработени од главната пошта во Скопје излегоа на мирен протест пред зградата. Вработените најавија дека утре управниот одбор на пошта ќе донесе одлука за стапување во штрајк, кој ќе започне од среда доколку дотогаш не се решат проблемите и не им се пушти плата на вработените.
Еден од вработените вели дека ситуацијата во пошта во овој момент е катастрофална и очајна.
„За прост пример кадар има вработен во администрација колку сакаш, но нема општи работници да делат пошта или да ги примаат пратките од Алиекспрес кои граѓаните ги исчекуваат со денови, а им стојат во Македонска пошта. Власта во заминување очигледно нема да ги реши проблемите, а најверојатно нема да пушти ниту плата за тие малкумина што останаа во ова време невреме“, вели за Курир вработениот и додава дека плата мора да има, а по формирање на новата влада мора да се направи и една чистка на сите партиски кадри кои не доаѓаат на работа, а земаат плата.
Подготвено од М.Д.