14.05.2024 Скопје
Во Кан, Франција, денес почнува 77. Меѓународен филмски фестивал, којшто ќе го одбележи враќањето на ѕвезди како Мерил Стрип, Френсис Форд Копола и Катрин Денев, а за главната награда – „Златна палма“ ќе се борат 22 остварувања.
Фестивалот ќе трае до 25 мај. Во трката, меѓу другото, е и „Мегалополис“ на Копола, со којшто познатиот режисер се враќа во Кан 45 години по „Златната палма“ за култниот антивоен филм „Апокалипса сега“. На списокот се најде и филм на режисерот Жак Одијар, добитник на „Златната палма“ од 2015 година. Тој годинава ќе се натпреварува со „Емилија Перез“ – жанровски определен како криминалистички мјузикл, со Селена Гомез во главната улога.
Во конкуренција за „Златната палма“ е и филмот на прогонетиот руски режисер Кирил Серебреников – „Лимонов“, како и „Видови љубезност“ на Јоргос Лантимос.
Режисерот Кристоф Оноре ќе се натпреварува со филмот „Марчело мио“ – посветен на Марчело Мастројани, кој почина во 1996 година, а годинава се одбележува 100-годишнината од неговото раѓање. За него ќе зборуваат Катрин Денев и ќерка му Кјара Мастројани.
Мерил Стрип (74) ќе добие почесна „Златна палма“ на свеченото отворање на фестивалот. Оваа година и креаторот на брендот „Војна на ѕвездите“, Џорџ Лукас ќе биде почестен со „Златна палма“, како и продукцијата „Студио Гибли“ на јапонскиот режисер за анимација Хајао Мијазаки.
Претседател на жирито годинава е Грета Гервиг, американската независна режисерка чијшто филм „Барби“ заработи повеќе од една милијарда долари.
Минатогодишниот победник беше „Анатомија на падот“ на француската режисерка Жастин Трие, којшто потоа доби и „Оскар“ за најдобро сценарио од Американската академија за филмски уметности и науки.
Престижната „Златна палма“, вообичаено вредна околу 20.000 евра, се чува во добро обезбеден сеф на непознато место – до нејзиното предавање. Жирито во најголема тајност одлучува за победникот. Покрај „Златната палма“, од 2000 година се доделува и „Мини-палма“, макета на „Златната палма“ – за најдобра глумица и глумец.
Подготвено од М.Д.