31.05.2024 Скопје
Тамам се комплетираше со девет судии, Уставниот суд денеска влегува во нова криза. Во четири обиди (круга на гласање), Уставниот суд не успеа да избере претседателка од двете кандидатки, уставните судијки Татјана Васиќ-Бозаџиева и Ана Павловска-Данева. На досегашната претседателка Добрила Кацарска ѝ истекува мандатот на 2 јуни.
Како што брифираат дел од нивните колеги, Васиќ-Бозаџиева не може да дојде до шесте потребни гласа од деветте судии, односно двотретинско мнозинство.
Според неофицијални сознанија, од трката за претседателката функција не сакала да се повлече ниту Васиќ-Бозаџиева, која добила 5 гласа, ниту Павловска-Данева, за која гласале четворица од колегите.
Судиите по првите да круга гласање заминаа на пауза, а по враќањето во 14.30 часот се одржаа уште два круга, но пак со истиот резултат.
„Во Уставниот суд денеска се одржаа четири круга на гласање за претседател при ниту еден од предложените кандидати не го доби потребното мнозинство. Согласно Деловникот, постапката за избор се повторува се додека не се избере претседател на Уставниот суд. Седницата за избор продолжува утре во 10 часот“, соопшти Судот на крајот на работното време.
Подготвено од М.Д.