16.05.2024 Скопје
Во дворот насликан раритетен автомобил. Не е важно дали вози. Внатре насликани пијана. Не е важно дали се свири на нив. Поентата на уметникот Мирослав Масин (1963, Скопје) е доловена. Уметност која руши стереотипи, која не следи трендови туку воспоставува трендови, која не е здодевна, туку авангардна, која ги слави човекот, природата и животот. Уште на влезот на Националната галерија знаете дека ве чека волшебен свет обоен во сите бои, насликан, ама танцува пред вас.
Во Даут пашин амам во Скопје синоќа пред бројни гости од сите сфери на живеење, беше отворена ретроспективната изложба на познатиот уметник, урбан лик, за кого во Скопје уште се раскажува за неговата боемштина. Насловена со уште позагадочен наслов „Подобро на гранка одошто заглавен во лифт”. Според директорката на НГ, Дита Старова-Ќерими, оваа изложба не е само прослава на уметноста, туку почит кон креативноста, страста, доследноста и визијата на уметникот.
Изложбата е составена од селекција на 150 дела, доминантно слики, потоа цртежи, графики, објекти од сите периоди, и онаа славната фаза со мајмуните за кои слушна и светската културна сцена, и особено од последните години.
Како што посочи Старова-Ќерими, посетителите ќе бидат сведоци на различноста на уметничкиот реперотар на Масин, а неговото дело зборува универзален јазик кој резонира на сите кои го гледаат.
„ Оваа изложба не е само прослава на уметноста. Таа претставува и почит кон креативноста, страста, искреноста, доследноста и визијата за уметникот, чии дела оставиле неизбришлива трага на македонската ликовна сцена. Националната галерија низ годините покажа дека се грижи за валоризација, но и презентација на значајните македонски уметници од различни генерации, почнувајќи од најстарите па до денешната средна генерација кои имаат репрезентативни остварувања“, рече Старова-Ќерими.
Како што рече, преку неговите слики тука присутни кои беа мал дел од големиот број на реализирани досегашни слики од негова страна, тој не кани во еден свет каде боите танцуваат, емоциите зборуваат, а имагинацијата нема граници.
Подготвено од М.Д.