28.05.2024 Скопје
Претседателот на Франција, Емануел Макрон, одлучи да ја укине вонредната состојба во француската пацифичка колонија Нова Каледонија за да овозможи политички дијалог на тој архипелаг, по немирите во кои таму седум лица ги загубија животите и е причинета голема материјална штета, соопштија од претседателскиот кабинет.
Како што е наведено, вонредната состојба „засега“ нема да биде поддржана, што значи дека завршува во осум часот навечер по средноевропско време, кое се однесува и на Париз, односно во пет часот наутро во вторник, во временската зона на Нова Каледонија.
Сепак, останува во сила ноќниот полициски час и сите патувања се забранети од 18 часот до 6 часот наутро по локално време, освен за државните службеници, лекарите, службите за итни случаи и работниците од јавен интерес што работат во ноќни смени, рече комесарот на Нова Каледонија, Луи ле Франк, и додаде дека останува забраната за јавни собири, продажба на алкохол и транспорт и носење оружје.
Во Нова Каледонија има два спротивставени табора: домородното племе Канака, кое се залага за независност, и потомците на француските колонисти и подоцнежни доселеници, кои се залагаат да остане француската управа.
Во последните десет години имаше неколку референдуми за независност, на кои мнозинството беше против независност. Меѓутоа, кога владата на Макрон ги објави уставните реформи на изборниот систем, на островот избувнаа протести поради стравот дека гласачите од Канака ќе бидат маргинализирани.
По големите немири, беше воведен полициски час, а Макрон на крајот на минатата недела ги откажа редовните обврски и полета за Нова Каледонија. Тој во таа прилика рече дека нема да инсистира на спроведување на спорната реформа и дека е можно да се одржи уште еден референдум.
Владата во Париз соопшти дека уште 480 жандарми треба да пристигнат во архипелагот „во следните неколку часа“.
Меѓу седумте загинати во немирите има тројца каначки домородци и двајца жандарми – од кои едниот загина поради случајно самоиспукување оружје, соопшти Париз.
Нова Каледонија е француска колонија од 1853 година.
Подготвено од М.Д.