tikves

16.05.2024 Скопје

Дека македонското вино е врвно е одамна познат факт, а се повеќе во тоа се уверуваат и пребирливите странски купувачи.

За нив е тука „Тиквеш“, компанија која од период во период се повеќе ги зголемува своите продажби на странските пазари, а за тоа говорат и нејзините финансиски извештаи.

Најголемата и најуспешната винарска визба во земјава го објави Билансот на успех за првиот квартал од годинава, а тој говори дека само за три месеци нејзиното работење резултирало со чист профит од 554 илјади евра, што е раст од фантастични 89 отсто во однос на истиот период од минатата година.

Во првото тримесечје од годинава вино пиеле и Македонците, а уште повеќе странците. И не жалеле пари за добра и квалитетна винска голтка.

Тоа го потврдува фактот што на име на приходи од продажбата само за период од првите три месеци од годинава „Тиквеш“ има инкасирано прилив од дури 12,54 милиони евра, што е за 19 отсто повеќе во однос на истиот период од минатата година.

А, од овие пари помал дел отпаѓа на домашниот, а поголем на странскиот пазар. Или, од продажба од домашниот пазар се наплатени приходи од 5,32 милиони евра, што е одлична сума која говори за пораст од 11 проценти во одбнос на истиот период од минатата година.

Затоа, пак, странските купувачи на „Тиквеш“ во првиот квартал му платиле дури 7,22 милиони евра за вината на таа компанија, а што е зголемување на приходите од продажба на странскиот пазар за дури 25 проценти. Значи, колку повеќе странците го вкусуваат ова вино, толку се зголемува и нивната жед за тој вински производ.

Пораст има и кај трошоците од продажба на производи и услуги, но тој бил помал од растот на приходната страна. Или, оваа ставка во првиот квартал достигнала 7,21 милиони евра, што означува зголемување за 11 проценти.

Сето ова прави ова акционерско друштво да ја заврши годината со бруто добивка од 5,33 милиони евра, што е зголемување за 30 отсто во однос на минатата година.

Платени се административни трошоци од 860 илјади евра, како и трошоци за продажба и маркетинг, на сума од 1,1 милиони евра, а направени се и други трошоци, но и вредносни усогласувања на нетековни и тековни средства, што на крајот доведува до оперативна добивка од 832 илјади евра. Тоа говори за раст од 76 отсто во однос на истиот период од минатата година, а што го покажува всушност растот на основниот бизнис на компанијата.

Акционерското друштво „Тиквеш“ во првиот квартал од годинава имало финансиски расходи од 141 илјади евра и тоа е раст за 40 отсто, а откако се платени тие, но и данокот на добивка кон државата од 10 отсто, на компанијата и останал чист профит од 554 илјади евра за само три месеци. Што е речиси двојно зголемување, или пораст од 89 отсто во однос на истиот период од минатата година.

Подготвено од М.Д.

About Author