13.05.2024 Скопје
Откако Апелациониот суд Гостивар одлучи да ја укине Пресудата на тетовскиот суд за пожарот во модуларната болница во Тетово, со која за виновни беа прогласени двајцата директори и правното лице Клиничка болница, еден од обвинетите, вели дека ако повторното судење значи дека конечно ќе се дознае вистината тој е подготвен пак да седне на обвнителната клупа. Според него треба да се казнат вистинските виновници.
Според Апелација предметот се враќа на првостепениот суд на повторно судење, додека ослободителната пресуда за докторот е потврдена.
Одлуката на Апелација следи откако до неа пристигнале жалби од Основното јавно обвинителство Тетово, од обвинетите, но и од оштетените, преку нивните правни застапници.
Обвнителството побарало поостра кривична санкција за обвинетите, додека ослободителните пресуди да се укинат и предметот во тој дел се врати на повторно одлучување пред првостепениот суд.
Одлуката на Апелациониот суд Гостивар е образложена на 21 страница, при што меѓу другото се вели дека констатацијата на првостепениот суд е воопштена и нејасна, односно отсуството на образложени причини за решителни факти, ја прави обжалената пресуда нејасна, неразбирлива и неподобна за целосно испитување по однос на нејзината правилност, на што основано се укажува во изјавените жалби на обвинетите.
Инаку со пресудата на Основниот суд Тетово, донесена на 5-ти јуни минатата година, за пожарот во модуларната болница во кој починаа 14 лица, на обвинетите Флорин Бесими и Артан Етеми им беше изречена условна казна од 18 месеци и парична казна на празвното лице за кривичното дело Тешки дела против општата сигурност, затоа што не поставиле противпожарни апарати, додека докторот Бобан Вучевски и правното лице беа ослободени од обвинение, за непостапување според здрвствени прописи за време на епидемија.
Подготвено од М.Д.