TURISTI OHRID

25.05.2024 Скопје

Зголемениот број на туристи во земјава повторно го разгоре проблемот на Македонската асоцијација на туристички водичи и придружници чиј потпретседателот Елвир Садиковиќ вели дека со години се соочуваат со непочитување на законот за туристичка дејност и погрешно толкување на македонската историја од страна на странските водичи.

Во законот, вели, децидно е наведено дека при влез во земјава на секоја странска туристичка агенција во рок од 24 часа треба да се склучи договор со локална агенција, со асоцијација на туристички водичи или со туристички водич, но се почесто се соочуваат со негово прекршување.

„Многу поголем број на туристички водичи од странските држави, од поранешените југословенски простори, потоа од Р Турција, од Грција, Бугарија и од други држави доаѓаат и не ангажираат локален туристички водич, којшто согласно законот е овластен да ја толкува нашата историја…. не се почитува законот, а исто така не се почитува и она најосновното што е а тоа е дека во нашава држава само нашите локални туристички водичи како културни амбасадори може да ја толкуваат нашата официјлана историја“, вели Садиковиќ.

Освен непочитувањето на законот, туристичките водичи при Макеоднската асоцијација велат, надлежните мора да постапуваат и да казнуваат. Секаде во регионот и пошироко постојат строги законски одредби кои нашите водичи при влез во странска држава ги почитуваат.

„Секаде ние како туристичка група мораме да ангажираме локален туристички водич. Значи, секаде во регионот согласно нивните закони мора да се ангажира локален туристички водич во спротивно ќе бидете казнети. Тоа ние и го побаравме од ДПИ, побаравме од инспекторите да го спроведуваат во нашата држава, да ги санкционираат странските туристички водичи кои не го почитуваат закнот, а воедно и да ги заштитат нашите“, додава Садиковиќ.

Садиковиќ вели како асоцијација не бараат ништо повеќе освен почитување на законот и заштита на македонската историја. Со надлежните институции со години се разговарало на овие теми, но досега вели нема никаков напредок. Посочува и дека дадени им биле упатства на институциите, каде и кои се критични точки во туристичките градови ширум земјава, како може да се контролираат странските туристички водичи, но досега не е преземено ништо.

Подготвено од М.Д.

About Author