27.05.2024 Скопје
Потпретседателот на СДСМ во оставка Стефан Богоев не ги крие своите амбиции да го преземе кормилото на партијата, по катастрофалниот пораз на парламентарните избори, но се уште не донел конечна одлука.
„Сметам дека во овие 16 години сум ги поминал буквално сите скалила во партијата по природен пат, а и во државата, и сум бил дел од сите клучни процеси во партијата, како Отпорот, Вистината за Македонија, Шарена револуција и низ сите тие процеси, години и скалила сум стекнал големо искуство и пријателства во партијата. Оттука, сметам дека сум способен за лидер на СДСМ, а наскоро ќе одлучам дали ќе тргнам по тој пат сега. Најбитно е партијата да избере тим што ќе го зачува јадрото на СДСМ, а не само претседател“, изјави Богоев.
За лидерската позиција во СДСМ веќе се заинтересирани неколку членови на партијата. Меѓу кандидатите од СДСМ за претседател се споменуваат и Јован Деспотовски, актуелен директор на ТИРЗ, министерката за одбрана Славјанка Петровска, екс министрите Оливер Спасовски и Венко Филипче. На седницата на Извршниот одбор на СДСМ во четвртокот претседателот Димитар Ковачевски го потврди повлекувањето од функцијата Претседател на СДСМ и иницираше свикување отчетен Конгрес. -Согласно член 68б од Статутот и повлекувањето на претседателот на партијата Извршниот одбор заклучи дека почнуваат да течат статутарните рокови за организирање нови директни внатрепартиски избори за избор на претседател на СДСМ. Членовите на Извршниот одбор, како и членовите на раководството на СДСМ, заменик претседателката, потпретседателите, генералниот секретар, организациониот секретар, секретарот за меѓународна соработка, поднесоа оставки од функциите. Воедно, согласно поднесените оставки се повикуваат и членовите на Централниот одбор да го следат примерот како морален чин на одговорност. Со повлекувањето на претседателот на СДСМ, сите претседатели на Општински организации и претседателот на Градската организација се во оставка со глед на фактот дека се именувани од страна на претседателот, а нивната функција ќе ја извршуваат до избор на нови, соопшти СДСМ.
Новиот состав на партијата би требало да биде одбран до крајот на идниот месец.
Подготвено од М.Д.