SREBRENICA

13.05.2024 Скопје

Српскиот министер за информации и комуникации Дејан Ристиќ денеска изјавил дека Србија направила многу за да го спречи усвојувањето на Резолуцијата за Денот на сеќавањето на геноцидот во Сребреница, која оваа недела би можела повторно да се најде на дневен ред на Обединетите нации (ОН) и дека бројни земји дознале што навистина се случило во јули 1995 година на тоа место.

Тој изјавил дека веќе двапати иницијаторите, коспонзори на резолуцијата го одложиле гласањето затоа што „наидуваат на сериозен отпор заснован на факти, не само од Србија, туку и од многу слободарски земји во светот“.

„Затоа, Србија секогаш јасно и одлучно го осудувала злосторството во Сребреница од јули 1995 година. Ние не се согласуваме со квалификацијата, а ова не го кажувам сега како министер, зборувам како историчар кој четврт век се занимава со културата на меморијата. Знаете, тоа злосторство е злосторство, нема сомнеж за тоа, но не ги содржи елементите на геноцид. Пред се, не содржи геноцидна намера, а потоа геноцидни дејствија. И тоа е сосема јасно“, рекол Ристиќ.

Според него, оваа резолуција има за цел да ја зајакне тежината на пресудите на судот во Хаг, кои „секогаш предизвикувале сериозни критики во стручната јавност“.

„Она на што работиме 24 часа е да обезбедиме што е можно повеќе земји да отсуствуваат од салата, да се воздржат, односно да гласаат против и на тој начин да не може да се постигне апсолутно мнозинство во Генералното собрание на ОН“, навел Ристиќ.

Поддршката за таа резолуција беше најавена и од Црна Гора, што Ристиќ го смета за сериозен притисок.

Подготвено од М.Д.

About Author