02.05.2024 Скопје
Денеска на состанокот во Женева, работната група на Универзалниот периодичен преглед на Советот за човекови права на Обединетите нации ќе ги разгледува податоците за состојбата на човековите права во Република Северна Македонија.
Канцеларијата на ОН во Скопје соопшти дека Република Северна Македонија е една од 14 држави што треба да бидат прегледани од страна на работната група на УПП, за време на претстојната седница, што ќе се одржи од 29 април до 10 мај. Првиот, вториот и третиот УПП преглед на Северна Македонија беа одржани во мај 2009, јануари 2014, односно јануари 2019 година.
Работната група na УПП се состои од 47 земји-членки на Советот за човекови права, секоја од 193-те земји-членки на ОН може да учествува во прегледот на земјата.
УПП е процес што вклучува периодичен преглед на податоците за состојбата на човековите права во сите 193 држави-членки на ОН.
Од првиот состанок, одржан во април 2008 година, сите 193 држави-членки на ОН беа разгледани трипати. Во текот на четвртиот УПП циклус, државите повторно се очекува да ги објаснат чекорите што ги презеле за да ги имплементираат препораките, добиени за време на нивните претходни прегледи, на чие следење се обврзале, како и да укажат на скорешните случувања во oбласта на човековите права во земјата.
Делегацијата на Република Северна Македонија, како што е најавено, ќе биде предводена од министерот за надворешни работи Бујар Османи. Трите претставници на земјата што служат како известувачи – „тројка“, за прегледот на државава се Албанија, Бенин и Финска.
Подготвено од А.Ѓ.