sotirovski tetovo

17.05.2024 Скопје

Директорот на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски, преку објава на својот Фејсбук профил информира дека има поднесено Иницијатива за оценување на уставност и законитост на спорната Одлука на Советот на Општина Тетово до Уставниот суд.

Сотировски, кој е и жител на Тетово, преку својата објава истакна и дека има поднесено претставка и до Државното правобранителство, кое претставува орган повикан да го штити државниот имот.

„Владата на Р. Македонија на 19.08.2015 година донела Одлука со која Градскиот стадион во Тетово го доделила на трајно користење на Општина Тетово. На ден 27.09.2023 година Советот на Општина Тетово донел незаконска Одлука бр. 08-12322/67 спротивна на чл. 18 од Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост, со која Градскиот стадион во Тетово го доделил на трајно користење на Јавното претпријатие „Тетово транспорт“, иако согласно прекршената одредба надлежност да дава корисничко право на државен имот има само и само Владата. Согласно закон користењето на стварите подразбира само право на нивна непосредна употреба. Корисникот нема сопственост, а со тоа ниту ги ужива правата на сопственик, односно не смее да ја менува или располага стварта која ја користи, уште помалку смее со багер истата да ја руши, или да ја пренесе на друг за тој да ја сруши. Тоа е каубојско самовластие и уништување на државен имот. Видно од Имотен лист бр.100857 КО Тетово 3 сопственост на имотот има Република Македонија. Согласно чл. 3 од Законот за користење и располагање со стварите од државна сопственост во името на Републиката право да располага со државната сопственост има Владата“, се наведува во Фејсбук објавата на Сотировски.

Друг проблем, како што наведува Сотировски, е што во моментов не постои Одобрение за градење, ниту Решение за рушење, ниту соодветни елаборати.

„Издадено е само Решение за подготвителни работи на инвеститорот „Тетово транспорт“ кој нема законски засновано корисничко право, а кое подразбира само оградување на објектот и поставување помошни објекти. Рушењето на објектот кое го започна и лично првиот човек на општината е досега невиден чин на уништување на државен имот“, се додава во објавата.

Во текот на вчерашниот ден, Сотировски има добиено писмено произнесување од Државното правобранителство со кое ги потврдува неговите наводи и утврдува прекршување на Законот. Воедно, оттаму го информирале дека е покрената иницијатива до Владата и до Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам за заштита на државниот имот.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author