popis

13.05.2024 Скопје

Сојузот на Македонците со исламска религија, СМИР, уште еднаш ги повикува Македонците во областа Гора, Призренска Жупа и цело Косово, на пописот на населението кој е во тек, да се попишат како Македонци, со мајчин македонски јазик, вероисповед муслимани.

„СМИР ги повикува и сите Македонци од Гора, Призренска Жупа и Косово, кои живеат и престојуваат во Македонија, да се потпишат на Косово како Македонци со мајчин македонски јазик и вероисповед муслимани, за тоа да ги известат и своите роднини во Гора, Призренска Жупа и Косово“, стои во повикот потпишан од Латиф Пајкоски, претседател на СМИР.

Се потсетува дека, Република Северна Македонија во 2001 година издаде околу 15.000 македонски државјанства во областа Гора, Призренска Жупа и цело Косово, врз основа на своерачно потпишани изјави на месните жители дека се етнички Македонци чиј мајчин јазик е македонскиот јазик.

„Жителите на областа Гора и Призренска Жупа, не се ништо друго, освен етнички Македонци, независно дури и од албанизацијата во некои села на Призренска Жупа“, се наведува понатаму во повикот.

Се посочува дека „тие се неотуѓив, нераскинлив и неотстапен дел од македонскиот народ и неприфатливи се сите обиди за нивна денационализација и асимилација во Бугари, Срби, Албанци, Бошњаци или Турци“.

„ СМИР ја осудува Владата во Софија, која врши агресија врз Македонците во областа Гора и Призренска Жупа, на Косово, во намерите на пописот да се попишат како етнички Бугари, иако етнички Бугари на Косово никогаш во историјата немало, нема, ниту ќе има, како што ги нема ниту во Албанија и Република Северна Македонија“, стои во повикот.

Подготвено од М.Д.

About Author