23.05.2024 Скопје
Словенија ќе ги продолжи граничните контроли со Хрватска и со Унгарија за уште 6 месеци, односно до 21 декември, објави во средата словенечкиот министер за внатрешни работи Боштјан Поклукар.
Поклукар рече дека надзорот ќе продолжи да биде насочен кон спречување на криминалот, со што е можно помало влијание врз локалното население.
Словенија ова го реши на денот кога италијанското МВР соопшти дека контролите на границата со Словенија ќе продолжат уште 6 месеци.
Словенија и Италија ги воведоа овие контроли во октомври поради влошувањето на безбедносната ситуација на Блискиот Исток и зголемената закана од тероризам.
Како што објасни Поклукар на прес-конференцијата, ситуацијата таму не е подобрена или се влошува.
„Со оглед на тоа што ситуацијата не е подобрена, а безбедносната состојба на Блискиот Исток продолжува да се влошува, Словенија ќе ги продолжи контролите за следните 6 месеци“, рече Поклукар.
Два големи спортски настани во ЕУ летово – Европското фудбалско првенство во Германија и Олимписките игри во Франција бараат дополнително внимание на границите, смета словенечкиот министер за внатрешни работи.
Подготвено од М.Д.