https://riforma.it/it/articolo/2022/10/28/presentato-ieri-il-dossier-statistico-immigrazione-2022

30.05.2024 Скопје

Европските истражни органи открија уште една организирана криминална група што шверцувала мигранти од Азија и Африка во Европската Унија. Меѓу осомничените има повеќе од 20 државјани на Романија и Молдавија.

Во понеделникот романските власти претресоа единаесет куќи и извршија повеќе испрашувања, додека молдавските власти на 16 мај извршија уште осум претреси и уапсија пет лица, вклучувајќи го и водачот на групата.

Заедничкиот истражен тим, кој беше формиран од властите во Романија и Молдавија со помош на Евроџаст, откри операција за шверцување мигранти за која се проценува дека нелегално донела повеќе од 100 луѓе во Шенген-зоната од 2019 година до денес, за суми што се движат од 3.000 до 5.000 евра, соопшти таа организација.

Како што наведоа, мигрантите биле шверцувани во посебни простори наменети за да се скрие транспортот.

„Осомничените користеле повеќе рути за шверц, кои минувале низ Австрија, Бугарија, Хрватска, Грција, Унгарија,Република Северна Македонија, Романија, Србија и Турција. Како дел од својата операција, групата регрутирала жртви од земји на кои не им е потребна виза за патување во Европската Унија со цел да ги транспортира мигрантите неоткриени“, се вели во соопштението на Евроџаст.

Подготвено од М.Д.

About Author