21.05.2024 Скопје
Осумнаесет уметници од Република Северна Македонија, Србија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Германија и Турција учествуваа на шестото издание на фестивалот на улична уметност „Графити фест“, кој викендов се одржува во Куманово. Вчера се изработуваа мурали и графити на ѕидовите на комплексот згради на булеварот Октомвриска револуција, а денеска се слика во близина на средното училиште „Перо Наков“.
Концептот на младите уметници е да внесат свежина со графити и мурали на сивите и оштетени згради во градот, и да дадат нов урбан лик на простор, за што добиваат масовна поддршка и посетеност од граѓаните
„Многу ми е мило што се случува вакво нешто во нашиот град, и треба многу повеќе да има вакви културни, урбани настани. Не само што не ми пречи, напротив мислам дека треба почесто да се организираат. Ми пречи кога ништо не се случува во градот. Не се нагрдува, токму тие го разубавуваат градот, треба Куманово да е град на графити и мурали“, изјави Лаура Живиќ- Тренчевски, посетителка на годинешното издание на фестивалот на улична уметност „Графити фест 2024“.
Ова е единствен ваков фестивал во земјата на кој уметниците создаваат галерија на отворено. Ѕидовите на повеќе јавни и станбени објекти ги красaт големи е единствени мурали, меѓу кои има и на историски и актуелни личности, како Гоце Делчев, Блаже Конески, бранителите во Диво Насеље, голманот Столе Димитриевски и др.
„Графитите создадени во изминатите 5 години многу малку се оштетени од човечкиот фактор, а од атмосферските влијанија според очекувањата. Во градот има доволно ѕидови на кои може да се интервенира, само да има добра волја, ѕидовите не ни бегаат, но потребна е помош од граѓаните за ваквите манифестации. Но, ние не застануваме тука, само што започнавме“, вели Горан Стојанов, од Здружението за ликовна уметност „Форма“, кое е организатор на манифестацијата.
Овој пат меѓу гостите за прв пат имаше две уметници, едната од Мостар, Босна и Херцеговина, каде што се одржува ист ваков фестивал на отворено.
„Прв пат сум во Куманово, и во Република Северна Македонија воопшто. Минатата година кај нас беа двајца уметници од Куманово, Молерај и Драж, сега пријателски ја возвраќаме посетата. Кај нас фестивалот се одржува кон крајот на август, почетокот на септември“, истакна Карла Ќосиќ, дипломиран уметник од Мостар.
Фестивалот „Графити фест“ е замислен како целодневно дружење, со диџеј, забава и штандови за храна. Вчера забавата траеше до доцна во ноќта во присуство на голем број на млади. Фестивалот се одржа со спонзорство на приватни фирми.
Подготвено од М.Д.