29.05.2024 Скопје
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, изјави дека го поддржува признавањето на независна Палестина, откако Ирска, Шпанија и Норвешка претходно денеска објавија дека ја признале палестинската држава во границите од 1967 година.
„Јас сум за решение со две држави и за признавање на палестинска држава. Но, оваа држава мора да биде одржлива. И затоа мислам дека најдобар би бил координиран пристап со земјите-членки на ЕУ и третите земји“, изјави Мишел.
Претседателот на советот нагласи дека признавањето треба да дојде како начин ЕУ да побара од палестинската управа да преземе „важни чекори во однос на реформите“, пренесува Политико.
Земјите од ЕУ се согласуваат за важноста од прекин на огнот во Појасот Газа, дистрибуција на хуманитарна помош за палестинската енклава и враќање на израелските заложници, но сè уште нема консензус во блокот за прашањето за државноста.
До неодамна, Шведска беше единствената земја-членка на ЕУ која ја призна Палестина, додека Бугарија, Кипар, Чешка, Унгарија, Малта, Романија, Полска и Словачка го сторија тоа пред да влезат во Унијата.
Додека владите на Ирска, Шпанија и Норвешка денеска објавија дека официјално ја признале државата Палестина, данскиот парламент го отфрли предлог-законот за признавање откако министерот за надворешни работи Ларс Локе Расмусен изјави дека недостасуваат „потребните услови“.
Подготвено од М.Д.