29.05.2024 Скопје
Сателит кој ќе ја набљудува внатрешноста на облаците за да направи попрецизни временски прогнози и климатски предвидувања денеска беше лансиран во вселената.
Сондата Ерткер полета на ракетата Фалкон 9 на Спејсекс од вселенската база Ванденберг во Калифорнија. Таа ќе им помогне на научниците да разберат каква улога играат облаците и аеросолите како што се прашината и чадот во загревањето и ладењето на атмосферата на Земјата.
Сателитот ќе ја мери и радијацијата што ја емитува планетата.
Податоците од Ерткер би можеле да помогнат во ублажувањето на заканите од глобалното затоплување, велат експертите.
Тоа е замисла на професорот Ентони Илингворт од Универзитетот во Рединг, што ја осмисли пред повеќе од 30 години.
Проектот беше прифатен од Европската вселенска агенција (ЕСА) во 2004 година, а подоцна стана заедничка мисија со јапонската вселенска агенција Јаха.
Облаците играат витална улога во контролирањето на температурата на планетата со тоа што ја рефлектираат сончевата светлина назад во вселената и ја задржуваат топлината. Но, малку е познато како го иницираат климатскиот систем на Земјата.
Се очекува дека тригодишната мисија, која чини повеќе од 800 милиони евра, ќе даде одговор на некои од овие прашања.
Сателитот тежи нешто повеќе од два тона и е долг нешто повеќе од 17 метри. На него има четири инструменти кои детално ќе ги анализираат структурите на облаците, ќе фотографираат и ќе мерат колку топлина од Сонцето е заробена од облаците.
Откако ќе биде лансиран, Ерткер ќе орбитира околу Земјата на секои 90 минути на височина од околу 400 километри.
Подготвено од М.Д.