rakomet-makedonija-farski-ostrovi5454

13.05.2024 Скопје

Ракометарите на Република Северна Македонија запишаа огромна победа против Фарски Острови од 34-26 (19-15), анулирајќи ја негативата од Торшавн за пласман на Светското првенство следната година. Иако на гостувањето загубивме со седум разлика, перфектната игра во СЦ „Борис Трајковски“ надополнета со одличната атмосфера од трибините ги скрши Фараните за продолжување на континуитетот на големите собири и епски пресврт.

Гостите тргнаа со гол, а Македонија во првиот напад тргна со Митев, Кузмановски и Јагуриновски на бекови, Пешевски на линијата, а Џонов и Костески како крила. Добро отвори капитенот Митревски кој фати три интервенции и го даде нашиот прв гол, додека ривалот погоди од игра и пенал. Водени од атмосферата нашите ракометари врзаа голови преку Митев и Лазаревски за прво водство (3-2). Гостинскиот селектор тргна со игра без голман во напад „седум на шест“, а Македонија се бранеше со Џонов како најистурен на бековите. Притисокот вроди со плод, па нашиот национален тим со двата врзани гола на Митев и Џонов од транзиција поведе првпат со плус два (7-5). Имавме и напад за плус три во 13. минута откако изнудивме грешка, но голманот Јакобсен му фати удар на Јагуриновски и селекторот свика тајм-аут. Добро за нас беше што се одржувавме во позитива, а со погодоците на Костески од пенал и „бомбата“ на Фитиљ поведовме со 13-9.

Следеше вистинска мајсторија и цепелин во реализација на дуото Серафимов-Митев, по што Фараните погрешија. Сепак, ниту Македонија не успеа да реализира прв напад за шест разлика и направи техничка грешка. Во последните минути од полувремето се одржувавме на дистанца, го издржавме исклучувањето на Кузмановски и предноста на полувреме беше четири гола (19-15). Најефикасен наш играч во првиот дел беше Марко Митев со четири гола, а по три дадоа Кузмановски, Пешевски и Серафимов.

Добро тргна вториот дел за нашите ракометари, со голови на Џонов, Пешевски и Митев за плус пет. Фараните пак нападнаа со „седум на шест“, а тоа пак го браневме со фластер од Џонов на Скипаготу. Откако Кузмановски не реализира напад за шест разлика, пак се одбранивме и потоа Пешевски погоди од линијата за 23-17 во 35. минута. Пак Македонија се одбрани и во следната акција Костески од пенал погоди за седум разлика. Исклучен беше Јагуриновски, а тогаш гостите нападнаа со седум на пет и не погодија. Имавме и ние прв напад за осум разлика кој извлечен до пасува не мина. Првпат Македонија дојде до предност во двомечот со голот на Кузмановски (27-19), а потоа одбрана врза и Митревски. Во напад до пасива од многу тешка позиција круцијален гол даде Серафимов за 28-19. Со играч помалку на влезот во последните десет минути Кузмановски реализира за одржување на предноста од девет гола.

Жарко Пешевски беше перфектен од линијата за шест и имаше „осум од осум“, Филип Кузмановски даде седум гола, шест беа дело на Марко Митев,а пет на Марко Митев.Иако голманите немаа свој ден, Митревски фати четири топки, но две во клучен момент од мечот.

Подготвено од М.Д.

About Author