10.05.2024 Скопје
Во шведскиот град Малме, каде што оваа година се одржува Евровизија, беше организиран протест против учеството на израелскиот претставник Еден Голан, а полицијата процени дека се собрале меѓу шест и осум илјади луѓе.
Насобраните го извикуваат пропалестинското мото „Од река до море, Палестина ќе биде слободна“ и „Израел е терористичка држава“.
Локалните медиуми јавуваат дека толпата ги вклучува сите генерации, вклучувајќи ги и родителите со деца.
Властите ја зајакнаа безбедноста и се подготвуваат за можни немири во текот на викендот. Видливо е присуството на полицајци како патролираат по улиците на Малме и, од скутери на вода, низ градските канали, јавија локалните медиуми.
Шведската активистка Грета Тунберг носеше кефије завиткано околу нејзиното тело додека учествуваше на маршот, кој е еден од неколкуте пропалестински настани закажани во Малме за време на неделата на Изборот за песна на Евровизија.
Подготвено од М.Д.