13.05.2024 Скопје
Спортисти, рекреативци, родители со своите деца, граѓаните го користат убавото време на главното место за спорт и рекреација – кејот на реката Вардар. Трчаат, пешачат или се возат на велосипеди. Од најмлади до најстари сите може да се забележат по патеките како се рекреираат. Оние граѓани кои ги затекнавме таму велат дека излегле да се прошетаат, но стравуваат дека во иднина нема да можат да продолжат со нивните навики за спортување поради напливот на агресивни инсекти. Велат дека секое лето комарците се главна тема на сите минувачи на кејот и ги повикуваат надлежните да започнат со прскање против комарци.
Прскањето против ларви од комарци доцни веќе месец дена. Додека граѓаните стравуваат, од градот Скопје нема абер за прскање. Тие не одговараат на нашето прашање кога градоначалничката ќе ја спроведе нејзината обврска за заштита на јавното здравје. Дел од тендерот за прскање против комарци беше поништен на крајот на април бидејќи немало ниту една прифатлива понуда за делот на прскање против комарци од земја и делот на средства за прскање. Оттогаш па се досега не е објавен нов тендер.
Според неофицијални информации се очекува истиот да биде објавен следната недела. Задолжителна дезинсекција до септември потребно е да се направи барем петпати.
Подготвено од М.Д.