18.05.2024 Скопје
Полуматуранти од подгоричкото основно училиште „Владо Милиќ“ при прославата со факли го запалиле покривот на училиштето.
Јавниот сервис на Црна Гора наведува дека во инцидентот нема повредени, а училиштето е евакуирано.
Директорката на училиштето Ивана Милиќ изјавила дека нема повредени, а на терен се пожарникари и полиција. Милиќ открила дека инцидентот се случил околу десет часот и дека сите ученици од деветто одделение учествувале во палењето на факелите.
„Штетата допрва ќе се утврдува“, додала Милиќ.
Вршителот на должноста командант на Службата за заштита и спасување Подгорица, Здравко Блечиќ, пак, рекол дека на терен излегле пет екипи со 15 пожарникари.
„Пожарот зафатил дел од покривот и површина од 40 до 50 квадратни метри. Пожарникарите имаа проблеми со приближувањето и пристапот до овој дел од училиштето, но со помош на чуварот кој беше многу брз, успеаја“, вели Блечиќ.
Според Блечиќ, штетите на училиштето се големи, а водата може да предизвика штета и во училниците.
Прославата со факли во училиштето била организиран по повод завршувањето на основното училиште.
Подготвено од М.Д.