21.05.2024 Скопје
Судскиот совет на седницата по полноќ му го одзеде судискиот имунитет на уапсениот врховен судија Наќе Георгиев од Струмица, за кого истрагата не застана само на фатените бележани пари 10.000 евра што ги зел како мито, туку продолжи во неговата канцеларија и на негов личен имот. Георгиев, вчера е уапсен во моментот кога зема пари за да му заврши работа, односно услуга на обвинет и да издејствува најблага казна за него.
На затворена седница Советот го одобри барањето за одобрување мерка притвор за Георгиев. Воедно, времено го оддалечи од вршењето судиска функција до правосилна разрешница на почнатата кривична постапка против него.
Пред членовите на Судскиот совет да изгласаат затворање на седницата за јавност, претседателката Весна Дамева ги прозва присутните 8 колеги и двајцата кои се на одмор, Антоанета Димовска и Сашко Георгиев, кои се беа вклучиле на вибер за итната седница за имунитетот и притворот на Георгиев.
Не дојде само членката Лорета Георгиева, сограѓанка на Наќе Георгиев од Струмица.
„Колешката кажа не можела да дојде, побара да ѝ се организира превоз. Судскиот совет не може да организира превоз“, кажа Дамева.
Не беше присутна ни претседателката на Врховниот суд Беса Адеми, која не само што нема право на глас во Судскиот совет, туку тоа време била во зградата на Врховниот суд бидејќи таму 30-ина истражители вршеа до доцна претрес во канцеларијата на Наќе Георгиев.
Подготвено од М.Д.