30.05.2024 Скопје
Владата во Берлин го сменила ставот, плашејќи се дека може да остане без поддршка од левоориентираните гласачи.
На состанокот оваа недела со лидерите на владејачката СПД, министерот Писториус претстави значително ублажена верзија на првичниот план, кој ќе вклучува и поволности за новите регрути како студентски попусти и бесплатни јазични курсеви.
„Новиот модел на воена служба ќе биде главно доброволно“.
Ќе се обиде да привлече млади регрути со посебни бенефиции, како што се откажување од такси за возачка дозвола, бесплатни јазични курсеви или попусти за отплата на студентски заем. Германија е во мисија драстично да ја прошири својата армија, со амбиции да стане земја во Европската унија со најголем воен буџет.
Оваа недела, Риши Сунак, британскиот премиер, исто така ја изнесе идејата дека неговата Конзервативна партија ќе воведе задолжителна воена служба за 18-годишни момчиња доколку победи на изборите во јули. Враќањето на воената обврска во Германија се сметаше за сигнал дека официјален Берлин е сериозен во врска со овие планови по руската инвазија на Украина.
Сепак, следниот месец има избори за Европскиот парламент, поради што дојде до ревизија на плановите, мотивирана од внатрешно-политичка загриженост дека регрутирањето ќе ги промени ставовите на младите и левичарските гласачи.
Се наведува дека презентацијата на Писториус пред коалициските партнери на СПД не ја содржела фразата „задолжителен воен рок“. Сепак, од оние над 18 години може да се бара да пополнат медицински прашалник за да се процени нивната физичка подготвеност.
Министерот Писториус се обидува да ја трансформира земјата во „kriegstuchtig“ или „нација подготвена за војна“ по примерот на шведскиот модел на регрутирање, каде што 100.000 млади мажи се медицински прегледани секоја година, но само пет проценти од нив се приклучуваат на армијата.
Бундесверот веќе испраќа известувања до младите штом ќе наполнат 18 години, обидувајќи се да ги натера да ја разгледаат воената служба како опција за рана кариера. Министерот Писториус претходно изјави дека е убеден дека регрутирањето е неопходно.
Олаф Шолц, германскиот канцелар, е меѓу оние кои се противат на идејата, која беше длабоко непопуларна меѓу младите Германци, дури и пред да биде укината во 2011 година.
Политичките упатени и аналитичари тврдат дека промената на ставот на властите во Берлин не е изненадување. Рафаел Лос, политички соработник во Европскиот совет за надворешни работи, рече дека СПД најверојатно се обидува да ги минимизира амбициозните разговори за германската војска бидејќи тоа би можело да ги отуѓи нивните левичарски гласачи на претстојните избори за Европскиот парламент.
„Има мал апетит во владината коалиција да даде сеопфатен предлог за повторно воведување на воената служба, секако не пред европските избори“, рече тој.
Сергеј Сумлени, експерт за безбедност од Берлин, рече дека Бундесверот исто така не е подготвен да прими прилив на нови регрути според моделот на регрутирање.
„Проблемот со регрутирањето е што германската армија не е во состојба да ги прими сите млади луѓе кои би биле регрутирани. Нема структура за тоа. Не се работи само за пари, туку за структура“, рече тој.
Подготвено од М.Д.